До крајот на 2027-ма треба да се стави во функција регионалната депонија во Новаци
До крајот на 2027 година треба да профункционира регионалната депонија во Новаци каде што ќе се одлага отпадот од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. Заедничкото регионално управување со отпадот на општините подразбира и изградба на четири претоварни станици. За претоварната станица во Охрид која ќе биде на локацијата Мауцкер, од МЖСПП велат дека има урбанистичка документација и готов проект, но другите општини се уште не си ја завршиле домашната задача по ова прашање. Без урбанистичка документација не можеме да започнеме со тендери, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за управување со отпад во Министерството.
„ Овие две години се работеше на подготовка на планската и тендерската документација. Тендерите се при крај за набавките и за надзорот се подготвува тендерот. Во моментов работиме на проектниот дизајн за изградба на регионалната депонија и претоварните станици и очекуваме прва половина на следната година и тој тендер да биде објавен , значи тендерот за градба. До крајот на 2027- ма година не многу оптимистички , реално е би рекла, дека е можно да бидат изградени овие инсталации и да почнат со работа. “ – вели Каранфилова Мазневска.

Од министерството очекуваат општините да ја зајакнат меѓусебната соработка и да ги забрзаат процесите. А на тоа се надеваат и еко активистите и граѓаните кои во Новаци го гледаат спасот од депонијата Буково која со години тивко ги труе граѓаните. Иако се обезбедени 34 милиони евра со кредит од Европската банка за обнова и развој наменети за изградба на регионалната депонија и целата придружна инфраструктура процесите се одвиваат бавно бидејќи општините не можат да се усогласат, вели Ѓоко Зороски од групацијата „Збогум Буково“.
„За жал меѓу многу општини постои неусогласеност во самата брзина на подготовка и на документацијата и на самата инфраструктура . Некои од општините се понапред, некои се многу поназад, а има и такви кои воопшто не се ни започнати со овај процес . Нивна главна задача е да формираат меѓуопштинско јавно претпријатие , еден вид на одбор којшто ќе управува со целиот процес на управување со отпадот во Југозападниот и пелагонискиот регион. Тоа претпријатие се уште не е формирано. Се доцни со тоа повеќе од две години, а тоа е една од првите иницијални точки за да почне од некаде да се одвиваат работите. И токму тоа е целата на нашата иницијатива, се она што е забавено , да го забрзаме затоа што загадувањето е алармантно.“ – вели Ѓоко Зороски – групација „Збогум Буково“.
Иако се стравуваше дека обиколниците кои ги побараа општините Новаци и Ресен дополнително ќе ги оддолжат работите, тие ќе се градат паралелно со изградбата на регионалната депонија со средства од ЈПДП. Сепак охриѓани ќе почекаат за да се збогуваат со Буково, бидејќи за затворање на депонијата нема пари.
„Затворање на старата локација во Мегленци, само таа ќе се затвори. Толку се средствата што се обезбедени. Но работиме на изнаоѓање на дополнителни средства за да можеме постепено да ги затвориме и сите други нестандардни депонии во овие два региона.“ – вели Каранфилова Мазневска – МЖСПП.

Проектот за воспоставување систем за управување со отпадот во југозападен и пелагонски регион опфаќа и набавка на комунални возила, доекипирање на јавните комунални претпријатија во општините како и задолжителна примарна селекција на отпад. Селекцијата ќе придонесува за намалување на отпадот кој ќе завршува на регионалната депонија, вели Емил Ангелов, лидер на тимот одговорен за спроведување на проектот за Одржливо управување со отпадот на локално ниво југозападен и пелагониски регион, финансиран од Шведска , изведуван од SALAR International. Тие веќе спроведуваат селекција на отпад во 6 пилот општини во двата региони.
„Целта наша , на проектот е да го направиме она што не е направено долго време, да ги подготвиме општините и комуналните претпријатија во двата региони да ги променат практиките и да ги подготвиме за одржливо управување со отпад . Нашава земја , отпадот што се рециклира односно се селектира и рециклира, е на ниво на статистичка грешка . Ние депонираме 99% од отпадот којшто го собираме. За споредба во Словенија тоа е под 10%, во Шведска е под 1%.“ – вели Емил Ангелов.
Што е спроведено, а каде е заглавено во реализацијата на Планот за управување со отпад во југозападниот и пелагонискиот регион, влијанието на нестандардните депонии врз здравјето, како и улогата на граѓанскиот сектор во изнаоѓање на конструктивни и оддржливи решенија беа теми на панел дискусијата која се одржа денеска во Охрид во организација на иницијативата „Збогум Буково“.
