Skip to main content

До крајот на летото ќе заврши реконструкцијата на Охридскиот аеродром

Министерот Николоски истакна дека со реконструкцијата Охрид ќе добие современ аеродром со нова административна и терминална зграда, како и проширени капацитети за слетување и полетување.
 |  инфодеск  | 

Реконструкцијата на Охридскиот аеродром е во завршна фаза, а до крајот на летото се очекува целосно да биде завршена. Ова го изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при работната посета на Општина Дебрца.

Според Николоски, на аеродромот паралелно се реализираат четири инфраструктурни проекти, чија реализација е меѓу 80 и 90 проценти.

„Рокот што го зададовме за завршување е крајот на летото и мислам дека тој рок ќе биде постигнат“, изјави Николоски.

Тој најави дека од 15 август со подготовки за ставање во функција на реконструираниот аеродром ќе започнат надлежните институции, меѓу кои Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност, Царинската управа и Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбедат сите неопходни услови за безбедно и непречено функционирање.

Николоски истакна дека со реконструкцијата Охрид ќе добие современ аеродром со нова административна и терминална зграда, како и проширени капацитети за слетување и полетување.

„Практично ќе добиеме нов аеродром со нова административна и терминална зграда, како и повеќе простор за слетување и полетување, што ќе овозможи зголемување на капацитетот за нови авиолинии и поголем број патници. Драго ми е што Охридскиот аеродром бележи раст и според бројот на патници и процентуално, а тој тренд ќе продолжиме да го поддржуваме и во наредниот период“, изјави министерот.