До крајот на месецов, ќе се објави тендерот за изградба на затворениот пазар
Вака најави новиот директор на ЈП „Градски пазар“, Тони Коталески.
Новото раководство на Јавното претпријатие „Градски пазар“ најави дека за скоро време ќе се објави тендерот за јавно-приватно партнерство за изградба на долгоочекуваниот нов, модерен, затворен пазар во градов. Директорот на јавното претпријатие, Тони Коталески, информира дека е веќе разрешена и ситуацијата со нерешените имотно-правни односи на земјиштето на кое ќе се гради пазарот, и дека веќе испратиле барање до Владата на Република Македонија за добивање на право на користење на тоа градежно земјиште.
„Потребната планска документација за изградба на пазарот е веќе завршена, одобрена е и физибилити студијата за економската оправданост на проектот и очекуваме до крајот на месецот да се објави и тендерот за јавно-приватно партнерство. Сакаме да ги информираме сите наши коминтенти дека во сите сфери на реализација на овој проект ќе овозможиме континуирано функционирање на пазарот, без да се има било каква несигурност кај коминтентите.“-вели директорот на ЈП „Градски пазар“, Тони Коталески.
Коталески вели дека додека трае изградбата на новиот, затворен пазар, тезгите на кои се продаваат земјоделски производи ќе бидат преместени на друга локација за која тој вели дека најверојатно ќе биде паркинг просторот што се наоѓа веднаш до градскиот пазар.
Освен почетокот на овој проект, Коталески се пофали дека ќе бидат воведени и многу други новитети во работењето на ЈП „Градски пазар“.
„Планираме да изградиме неколку мини пазари. И тоа во Пештани, населба Далјан, Железничка, потоа имаме дене проект „Цветен пазар“ и современи цвеќарници. Како проект имаме зацртано и пазар за продажба на моторни возила. Во однос на организација планираме да формираме нов сектор за соработка со производители на органска храна, потоа предвидуваме активности за подобрување на енергетската ефикасност со користење на обновливи извори на енергија и секако ова треба да биде спроведено со имплементација на HACCP, ISO, и HALAL стандарди.“-рече тој.
Инаку Коталески со информација и дека во тек е изработка на веб страна на „Градски пазар“ на која меѓу другото ќе стојат и информации со просечните цени на производите кои ќе се продаваат на тезгите. Сето ова, според директорот Коталески ќе овозможи поголема комуникација со клиентите и подобар имиџ за јавното претпријатие.
{loadposition content9}