До крајот на 2026 година треба да се изгради автопатот Кичево – Охрид
До крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид предлага Владата, која на вчерашната седница утврдила предлог одредби за законски дополнувања со цел склучување нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.
-Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информацијата за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето. Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница, информира владината прес-служба во соопштение по седницата.
Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, се вели во соопштението.
Предходно како краен рок за завршување на делницата беше утврден 31.12.2023 година. Владата на седница пред крајот на годината усвои Информација за Договорот за изградба на автопатот, со препорака за продолжување на активностите со доизградба преку склучување анекс на договор со „Синохидро“ за продолжување на рокот за изведба со искористување на веќе обезбедените финансиски средства.
Автопатската делница Кичево-Охрид почна да се гради во 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, за по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена да достигне скоро 600 милиони евра.