Skip to main content

Угостителските објекти на плажите без концесија опоменети од ДПИ да престанат со работа

Викендов пазарниот инспекторат извршил надзор на угостителските објекти на охридското крајбрежје од Далјан до Пештани и им дал опомени и рок да престанат да обавуваат дејност согласно владината уредба со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште во време на вонредна состојба. 

 |  Валентина Неловска  | 

Угостителските објекти на плажите од Далјан до Пештани под лупа на Државниот пазарен инспекторат и УЈП. Инспекторите од ДПИ изрекле опомена на објектите кои биле затекнати да работат на плажите каде се истечени договорите за закуп и им дале рок да затворат до крајов на месецов. Ова доаѓа откако Владата со Уредбата за враќање на плажите во првобитна состојба ги овласти ДПИ и УЈП да вршат контрола на работата на угостителската дејност на економските оператори на крајбрежјето на Охридското Езеро и да затвора објекти.

„Веќе Државниот пазарен инспекторат излезе на терен и на оние оператори кои што се затекнати да вршат дејност согласно законот за инспекциски надзор им е даден рок да се усогласат со уредбата т.e. да престанат да ја вршат дејноста. Тие рокови со закон се предвидени од 8 дена и течат и до крај на месец доколку не престанат ќе се пристапи кон примена на уредбата со изрекување на забрана за вршење на дејност“.

Договорите за закуп на плажите на охридското крајбрежје, во најголем дел се истечени во 2014, 2016 и во 2017 година. Но голем дел од нив неколку туристички сезони работеа на црно без да плаќаат надомест на општините , а угостителски објекти на дел од плажите работеа преку целата година без договор за концесија. Раководителот на пазарниот инспекторат Охрид, Цветко Ристески вели дека досега контролирале дали е регистриран самиот угостителски објект и дали се издава фискална сметка, а немале овластување да контролираат дали имаат концесии.

„Ова е ново во поглед на уредбата и за прв пат постапуваме во овај случај. Сега со уредбата треба да престанат со работа и како надлежен орган е определен Државниот пазарен инспекторат да ги опомени ако продолжат со наш акт да ги забраниме да вршат дејнст. Нашата надлежност е да вршиме контрола дали вршат дејност според уредбата. Остантите надлежности се на органите на државната и локалната власт од областа на урбанизмот.

Инаку, Општина Охрид согласно владината уредба од пред една недела започна со отстранување потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници од крајбрежјето на Охридското Езеро. Акцијата започна од Горица 3 а од 29-ти јуни ќе продолжи од населбата „Свети Стефан“ до „Градиште“, како и од „Канео“ до „Далјан“. До понеделник, поранешните концесионери кои нелегално поставиле урбана опрема и платформи, имаат рок истите сами да ги отстранат. Од плажите општината деновиве го расчистува градежниот шут после рушењето и истите ги посипува со речна песок.