Skip to main content

Европска комисија

Добра оценка за екологијата во извештајот на ЕК

Европската Комисија го објави Извештајот за прогресот на Република Северна Македонија за 2022 година, кој е генерално позитивен.
 |  Голабовски Крсте  | 
Галичица

Генерално позитивен последниот извештај на Европската комисија за Македонија и во областа на екологијата. Во поглавјето 27, посветено на Животната средина и Климатските промени, нотирано е дека земјава постигнала одреден напредок во заштитата на природата и во намалување на последиците предизвикани од климатските промени. Како позитивни се наведени подготовката и усвојувањето на планот за управување со Националниот парк Галичица и тоа што Охридското Езеро заедно со Студентишко Блато беа вклучени во Списокот на Рамсарската конвенција.

Во август 2021 година, Комитетот за светско наследство ѝ даде на земјата дополнителни две години спроведување на препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Во декември 2021 година, Постојаниот Комитетот на Бернската конвенција донесе одлука за отворање случај на зелените локалитети на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица како резултат на загриженоста за влијанието од неконтролирани инфраструктурни проекти на овие локации.

Но, спроведувањето на препораките останува недоволно и бара посилнa посветеност и реакција од националните и локалните власти. Имплементацијата на правните и административните алатки останува загрижувачка во сите сектори. Административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, со недоволни човечки и финансиски ресурси за спроведување на законодавството. Иако Законот за инспекциски надзор во животна средина и некои измени на Законот за животна средина беа усвоени, сепак недостатокот на транспарентност и пристап до информации продолжува да биде проблем. Во извештајот се нагласува дека изведените инспекциски надзори пак имаат мало влијание. Земјата треба значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан.

Препораките кои Македонија ги доби во извештајот на ЕК а се однесуваат на Животната средина и Климатските промени се:

  • забрзување на напорите за намалување на загаденоста на воздухот на локално и национално ниво и на намалување на загадувањето на слатководните ресурси
  • да се спроведат мерки за воспоставување регионален систем за управување со отпад, особено во Источните и Североисточни региони;
  • спроведување на Парискиот договор, вклучително и со усвојување на Закон за климата.

Позитивно е што вкупниот процент на заштитени области во земјава се зголеми на 13,9% од територијата на државата со што е постигнат натамошен напредок во изработката и донесувањето на студии за валоризација на заштитени подрачја, како и планови за управување и изработка на национални црвени листи.