Добро познатиот македонски бренд „Зегин“ од сега ќе се грижи и за здравата исхрана на охриѓани
Најквалитетната здрава храна, мусли, маџун, органско млеко се само дел од огромниот асортиман на првотворената продавница за здрава храна на познатиот македонски бренд „Зегин“ веледрогериите.
Маџун, мусли, органско млеко, зачини, органски тестенини, засладувачи, ова е само дел од асортиманот кој охриѓани можат да го видат и купат од првоотворената продавница за здрава храна на еден од најпознатите македонски брендови, семејните аптеки „Зегин“. Во очи големиот празник „Илинден“, беше отворена првата во редот продавници за органска био храна на „Зегин“. Ова според основачот на компанијата, Благој Механџиски, е само доказ за успехот кој бил постигнат благодарение на трудот, упорноста и посветената работа.
„Со пет души почнавме, а еве се гордееме што направивме. Од нула сме направиле, а гледајте колку направил Зегин не само овде туку воопшто на сите европски простори. Мило ми е што овде пред се гледам наши луѓе, наши вработени за да видат и да знаат дека со работа и со труд знаење, се се прави.“-вели основачот на „Зегин“ веледрогерии Благој Механџиски.
Желбата за постојано усовршување, проширување на бизнисот, си бара и квалитетен и посветен персонал кој според Механџиски е еден од факторите на успехот на „Зегин“.
„Во Зегин нема работа, во Зегин има многу работа. Тој што доаѓа во Зегин да не бара работа, туку да бара многу работа. Тие што бараат работа не остануваат, тие што бараат многу работа и што одолеваат за наши услови. За германски стандарди мислам дека сме рамо до рамо со нив, дури и подобри сме и од Ферикс кои ги има исто така кај нас. Тие се далеку, далеку зад нас.“-рече тој.
Основните принципи на Зегин, здравје, едукација, гаранција, информација и надеж биле мисла водилка со која компанијата „Зегин“ влегла и на пазарот на здрава храна.
„Мислиме дека луѓето полека, полека мора да се вратат на квалитетен живот, на живот каде нема да имаат проблеми и секој ден да се чувствуваме подобро и подобро. Нашите продавници ќе имаат специјална органска храна со висок квалитет, што може да го користат сите за буквално се. Кој користи здрава храна сигурно помалку ќе му треба да оди на болница, помалку ќе има стрес кој утре би му се случил. Мислам дека сите треба полека полека да се вратиме на овој начин на живот, гледаме секој ден нови болести, нови проблеми, а зошто? Затоа што не се храниме како што треба, затоа што немаме квалитет на нашиот живот.“-вели Јоргос Вунвулакис, координатор за здрава храна во „Зегин“
Продавницата за здрава храна во Охрид, според Вунвулакис е само првата во редот кои ќе бидат отворени низ целата република. Во рок од една година, вели дека планираат да отворат вакви продавници во 25 градови низ земјава како би ги направиле своите производи достапни за секој граѓанин. Но не само на достапноста, Вунвулакис вели дека посветено работат и на постојано зголемување на асортиманот на здрави производи кои ги нудат.
„Можеме да почнеме од органско млеко секое сабајле секој доручкува, не почнуваме без чаша млеко, органски млека, бадемови млека за оние кои не можат да користат друго млеко од некоја причина, оризово млеко, производи за доручек, ручек, засладувачи, буквално се. Ова не значи дека ќе застанеме тука, нашиот асортиман секој ден ќе биде побогат, секој ден ќе се трудиме да имаме повеќе производи, иновативни и производи кои ние ќе ги имаме ексклузивно во Македонија и кои тешко дека ќе ги има некој друг.“-изјави Вунвулакис.
Здрава храна увезуваат буквално од целиот свет, од Франција, Италија, Германија, Грција, Бугарија, Кина. Вунвулакис вели дека нивната намера не е да бидат само обична продавница за здрава храна, туку супермаркет за органска храна во која секој човек ќе може да пронајде здрав производ за поздрав живот. Добар дел од асортиманот го надополнуваат со здрави производи кои сами ги произведуваат популарниот маџун. Инаку, добро познатиот бренд „Зегин“ на нашиот пазар успешно работи веќе 26 години во текот на кои велат дека станаа најдобрата семејна аптека во нашата земја.