Skip to main content

Доброволните членови во вториот пензиски столб ќе имаат избор дали да останат или да се префрлат во Фондот на ПИОМ

Рокот за пријaвување е до 30 септември. Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС информираат дека тоа важи за доброволните членови родени пред први јануари 1967 годинa.

 |  Валентина Неловска  | 

Повозрасните членови кои го избрале вториот пензиски столб имаат рок до 30 септември да дадат согласност дали остануваат или го раскинуваат членството. Ова следи по измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Доколку не се изјаснат во предвидениот рок од 1 октомври 2019 година друштвото ќе ја затвори нивната индивидуална сметка и ќе го пренесе вкупниот износ на средствата во Фондот на ПИОМ.Членот ќе остане осигуреник во Фондот на ПИОМ. Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС информираат дека при изборот помеѓу продолжување или престанок на членство во задолжителен пензиски фонд членовите треба да ги имаат предвид нивната возраст, годините на работен стаж при зачленување во втор пензиски столб, очекуваните години на вкупен работен стаж, висината на пензиските придонеси кои им се уплатувани досега, висината на идните очекувани придонеси кои ќе им се уплатуваат.

ТВМ упати прашања до МАПАС , што добиваат, а што губат осигуренците со префрлање од вториот во првиот пензиски фонд и каде треба осигурениците да ги пополнат изјавите ?
Од МАПАС информираат дека во изминатите години имало случаи на повозрасни осигуреници кои се зачлениле во втор столб, а имаат повеќе години работен стаж во едностолбен систем. Овие осигуреници се повозрасни и немаат доволно време за акумулација на нивните средства. Врз основа на анализи, се утврдило дека, членувањето во втор столб на овие осигуреници не е поволно и биле дефинирани критериуми за повозрасните осигуреници.
Со измените Законот предвидува на членовите на задолжителните пензиски фондови коишто се родени пред 1 јануари 1967 година и првпат вработени по 1 јануари 2003 година, да им престане членството во задолжителен пензиски фонд на 1 јануари 2019 година. Додека на членовите на задолжителните пензиски фондови кои што се родени пред 1 јануари 1967 година и првпат вработени пред 1 јануари 2003 година им се дава можност да одлучат да го продолжат или да го прекинат членството во втор столб.
Пензиското друштво го пренесува акумулираниот износ на средствата од сметките на членовите во Фондот на ПИОСМ. Овие осигуреници остануваат осигурени само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност и ќе остварат пензија само од Фондот на ПИОСМ.

Изјавата за престанување или за продолжување на членство во задолжителен пензиски фонд се потпишува лично со овластено лице од МАПАС или од друштвото во кое што членува. Овластените лица се достапни на територијата на цела држава по претходно остварен контакт на осигуреникот со МАПАС или пензиските друштва.