Skip to main content

Доброволното противпожарно друштво Ентузијаст од Охрид доби донација возило

На австриската делегација од Тирол, кои ја обезбедија оваа донација, во Општина Охрид им беше одржана презентација за делувањето на противпожарната единица, противпожарната опрема и капацитетите на возниот парк, како и кадровските потенцијали за делување на терен. Градоначалникот Пецаков вели, оваа сезона се поподготвени за делување од лани.
 |  инфодеск  | 

Ентизијаст доби донација возило. Во пресрет на летото, кога се зголемува опасноста од појава на пожари на отворен простор, а со цел да не се повтори состојбата од лани, со големите  пожари кои беснееа во НП Галичица и на Илинска планина, во охридскиот регион силно се работи на превенција. 

Викендов,  доброволното противпожарно друштво Ентузијаст од Охрид, доби донација, возило од Австрија. Градоначалникот Пецаков вели, оваа сезона се поподготвени за делување од лани.

– Поподготвени дефинитивно, меѓутоа за такви пожари сепак е најбитно теренското гасење, важна е и поддршката од воздух. Еве напредуваме со доброволните друштва како додаток на она што го имаме како ТППЕ Охрид. За таа цел имавме и неколку состаноци и се договаравме за критични точки на разни висини на самата територија на општина Охрид, не само на Галичица, туку и секаде каде што имаме шуми и планини. Да поставиме цистерни со вода коишто ќе биде полесно да се обезбедува вода во пократок период, вели Кирил Пецаков Градоначалник на Охрид.

На австриската делегација во општина Охрид им беше одржана презентација за делувањето  на противпожарната единица, противпожарната опрема и капацитетите на возниот парк, како и кадровските потенцијали за делување на терен. Во дискусијата беше потенцирано дека во Општина Охрид има неколку критични точки за делување, а тоа е Стариот град, централното градско подрачје и крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот кон Свети Наум.

Воедно беше подвлечена потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, која треба да биде соодветно опремена за делување при поголеми пожари во Охридскиот регион.

– Има добра волја на австриската влада да помогне. Во овој дел имаат огромно искуство и знаење кое можат да го споделат со нас, така да, овој тип на проекти се многу добри за подигнување на македонските капацитети во овој дел. Се надевам нема да останеме само на Охрид и Куманово. Благодарност до нашите пријатели од Тирол, кои безрезервно го споделуваат своето знаење, искуство, пракса, со нашите доброволни пожарникари, изјави Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Главна цел е да се развива, како што кажа министерот, системот на доброволци, да се јакнат капацитетите на пожарникарите во Македонија. Ние започнавме, се надевам дека со полна енергија ќе продолжиме и ќе правиме уште успеси, изјави Мартин Памер амбасадор на Австрија.

Противпожарната служба во Охрид брои 39 вработени, во текот на 2023, 2024 и 2025 година имала вкупно 1280 интевенции од различен карактер и има потреба од дополителни кадровски потенцијали, особено во периодот на летните месеци.

Новинар Соња Рилковска