Доцни изградбата на Домот за стари лица во Охрид, се чека одобрение за градба
Доцни изградбата на Домот за стари лица во Охрид, инвеститорот АД „Илинден“ од Струга сеуште нема одобрение за градба.
Изградбата на Домот за стари лица во Охрид сеуште тапка во место. На локацијата во населбата Далјан, каде што треба да се гради овој дом, нема никакви градежни активности. Изградбата беше најавувана дека ќе стартува во 2016 година, согласно договорот со кој купувачот беше обврзан во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градба, а во рок од 4 години да го изгради објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено. Градоначалникот Никола Бакрачески доцнењето го лоцира кај инвеститорот АД „Илинден„, кој го купи градежното земјиште во 2015 година. Укажува дека е завршена постапката за изработка на урбанистичката планска документација.
„По добивањето на најповолниот понудувач инвеститорот пристапи кон склучување на договор. Во согласност со Законот за градежно земјиште и Законот за градба, има законски услови врз кои после солемизацијата на договорот, во рок од една година има обврска да прибави одобрение за градба, кој рок истекува за 4 месеци. Инвеститорот има обврска да го прибави одобрението за градба, а градбата треба да заврши во рок од 4 години. Според она што разговаравме со инвеститорот, нивната најава е дека ќе го завршат многу брзо по добивање на одобрението за градба, што би значело 1 до 2 години“, истакна Бакрачески.
Инаку, во 2015 година на почетокот на јуни месец, градоначалникот Бакрачески и претставници на градежната компанија АД „Илинден“ од Струга потпишаа договор за купопродажба на градежно земјиште, за парцела во охридската населба „Далјан“ . Станува збор за градежна парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни, која на јавното наддавање достигна цена од 1.532 денари од метар квадратен. АД „Илинден“ за градежната парцела исплати 12.907.100 денари, средства од кои 80 проценти треба да се инкасираат во буџетот на Општина Охрид, а останатите 20 проценти во ресорното Министерство за транспорт и врски.
Повеќе пати е кажано дека потребата во Охрид да функционира Дом за стари лица е повеќе од неопходна. Според Европските стандарди за отварање на дом за стари лица 4% од вкупниот број на населението во градот треба да е над 60 годишна возраст. Во општините Охрид и Дебрца бројот на лица над 60 години изнесува околу 8000. Според стандарите во општина Охрид би требало да има околу 400 легла. Во моментов 30 – тината леглата кои ги има Геријатриското одделение при Опшата болница ни одблизу не ги задоволува потребите на жителите на Охрид и Дебрца.