Skip to main content

Доделена Светската награда за хуманизам во Охрид

На празникот на патронот на градот, Свети Климент Охридски, се одбележаа 20 години од доделувањето на Светската награда за хуманизам.
 |  инфодеск  | 

Охрид денеска беше средиште на хуманистичката мисла. На празникот на патронот на градот, Свети Климент Охридски, се одбележаа 20 години од доделувањето на Светската награда за хуманизам. Годинава признанието му припадна на австрискиот проф. д-р Кристоф Бенедиктер.

„Денес, на 9 август 2026 година, во Охрид – Светиот град, се одбележува единствен меѓународен јубилеј – 20-годишнината од доделувањето на Светската награда за хуманизам, која го возвеличува и чествува името на Свети Климент Охридски на сите меридијани, токму на празникот што го носи неговото име“, рече Јордан Плевнеш, претседател на Охридската академија за хуманизам.

За значењето на наградата и нејзината улога во промовирањето на хуманистичките вредности говореше и академик Катица Ќулавкова.

„Се надевам дека тоа ќе биде дополнителен поттик за понатамошна работа и промоција на сите наши вредности, кои потекнуваат од ова хуманистичко тло на Македонија“, рече Катица Ќулавкова, академик.

Јубилејот беше одбележан и со пораки за значењето на Охридската академија на хуманизмот во современото општество.

„Денес одбележуваме голем и значаен јубилеј – 35 години од формирањето на Охридската академија на хуманизмот. Три и пол децении, оваа реномирана институција неуморно ја чува, негува и надградува идејата дека хуманизмот не е само апстрактен филозофски концепт, туку жива насушна потреба за опстанок и напредок на човештвото. Во свет исполнет со брзи промени, глобални предизвици и немири, академијата постојано нè потсетува на она што е најсуштински: сочувството, дијалогот, меѓусебното почитување и негувањето на доброто во човекот“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

За лауреатот, Охрид е едно од ретките места каде што мислата и културата со векови опстојуваат и се обновуваат.

„Охрид е едно од оние ретки места каде што низ многу генерации и историски епохи процветувале креативниот дух и научната мисла. Овој град поседува посебна аура што им овозможува на мислата и културата да опстојуваат и повторно да се раѓаат“, рече Кристоф Бенедиктер, добитник на Светската награда за хуманизам.

Во рамките на свеченоста беше доделена и повелба по повод 40 години од замонашувањето на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

„Се сеќавам веројатно најдобро јас на тој ден. Но, гледано од денешен аспект, никому ништо во животот не му се случува случајно. Да се замонашам на Свети Наум, а и признанието на Свети Климент и на празникот на сите Седмочисленици…“, рече архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Со ова исклучително признание, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент Охридски на сите светски меридијани, потврдувајќи дека неговата порака за знаење, духовност и човечност и денес има универзално значење.