На пригодна свеченост, вчеравечер во дворот на ОСУ „Свети Климент Охридски“ беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2022-2023 година.
Пред присутните, во името на Општина Охрид свое обраќање имаше заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.
Сега, кога се наоѓате пред една од најважните крстосници во животот, кога треба да одлучите што понатаму, ве охрабрувам никогаш да не запрете. Запомнете дека успехот не е еднократно достигнување, туку континуиран стремеж кон учење и развој. И вечерва се слуша гласот на Свети Климент Охридски со моралната мисла: ,,Тргај се од злото и прави добро!”. Ова укажување е моментот на вашето израснување како личности, но и аманет за вашиот човечки пат.
Продолжете посветено, чесно, етички и со голем труд да ја минувате животната патека. Без разлика каде ќе ве одведе следниот чекор во вашето патување, верувајте во вашите способности и осмелете се да ги остварите најубавите соништа.
Убеден сум дека вештините, талентите и идеите кои ги поседувате, ќе дадат огромен придонес за просперитетно општество и дека ќе бидат важен столб за иднината на Охрид и Македонија. Посакувам да бидете достоинствени и успешни професионалци, вредни за почит и пофалба.
Почитувани, Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков примете најискрени честитки за вашето матурирање, нека вашата иднина биде исполнета со светлина, успех и неверојатни можности!
Бидете живи и здрави, нека е за многу години денешниот празник и нека е вечно името на Свети Климент!, истакна Божиновски во своето обраќање.
Foto: Iva Jovanovic