Поделени хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства, донација од Костал во соработка со Црвен Крст Охрид
Започна поделбата на хуманитарните пакети кои се обезбедија од донации во рамки на акцијата на Црвен Крст Охрид во Неделата за борба против гладта. Денеска 50 социјално загрозени лица добија пакет со прехрамбени производи, донација од компанијата Костал Македонија.
Со донацијата на одреден број семејства барем малку ќе им олесниме еден месец да поминат во однос на основните прехрамбени продукти, кажа директорот на Костал Македонија, Виктор Мизо. Додаде дека борбата на овие наши сограѓани е секојдневна и нивните потреби се најразлични, па така и помошта од страна на граѓаните и општествено одговорните компании треба да биде континуирана.
„ Ние континуирано на еден или на друг начин се трудиме да донираме дали средства или опрема понекогаш и храна за ранливи категории на граѓани, на еден или друг начин да им се помогне. Јас би апелирал не само ние како компании, понекогаш и самите наши вработени, но и сите жители на градот да помогнат во рамките на своите можности. Ние однапред не можеме да планираме кои ќе се потребите на градот и граѓаните. Континуирано ги согледуваме потребите, сме во комуникација, пред се со Црвен Крст за тоа како можеме да помогнеме и нормално во соработка и со Општината.“ – кажа директорот на КОСТАЛ Македонија, Виктор Мизо.
Од Црвен Крст се задоволни од одзивот на граѓаните и компаниите на нивниот повик да се помогне на социјално ранливите семејства од Охрид и Дебрца.
„Една од тие високо општествено одговорни компании е секако КОСТАЛ Македонија којашто издвои навистина поприлична количина на прехрамбени производи од кои беа направени хуманитарните пакети и денеска заедно со директорот на Костал Македонија ќе ги поделиме . Изразуваме благодарност до нив од името на сите коишто ја добија донацијата и коишто и во своите домови ќе добијат дел од таа донација во периодот кој следи.“ – кажа Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.
Притисокот е голем врз Црвениот крст. Голем број граѓани бараат помош не само во поглед на обезбедување храна туку се соочуваат со многу други потешкотии, вели претседателот на хуманитарната организација. Додава дека треба да се делува не само за обезбедување помош во поглед на основните потреби туку и за враќање на работоспособните социјално загрозени лица во работниот процес и општествените текови.
„На наши апели, но секако и од добронамерни хумани граѓани коишто доаѓаат и нудат помош во текот на целата година успеваме да излеземе и да ги задоволиме тие потреби. Не се работи само за храна, се работи и за финансиски средства, за лекови, за операции, за многу потреби на граѓаните. Сепак ние ги охрабруваме сите оние коишто се работоспособни да ги ангажираме од страна на Црвен Крст во најразлични активности, а секако дека и компаниите тоа треба да го имаат во предвид, овие луѓе да не чекаат на хуманитарна помош туку да се вклучат во работниот процес онолку колку што е можно. ” – вели Точков.
Во периодот кој претстои волонтерите на Црвен Крст ќе дитрибуираат хуманитарни пакети на семејствата во руралните средини и лица кои се оневозможени лично да ја подигнат помошта. Во текот на целата година Црвениот Крст опслужува преку 500 семејства во социјален ризик.