Skip to main content

Доделени медалите на охридските Бреинобреин генијалци кои ги освоија на 13-тиот Интернационален натпревар

Охридските генијалци од Бреинобреин програмата на Црвен крст Охрид продолжуваат да нижат успеси. На 13-от Интернационален Бреионобреин натпревар кој на онлајн платформа се одржа на 25 јануари во конкуренција од над 23 илјади учесници од 78 земји, учениците од Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин Охрид, освоија 6 златни и 13 сребрени медали.
 |  Маја Савиќ  | 

Уште еден голем меѓународен успех на охридските генијалци од Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин при Црвен крст Охрид. 6 златни и 13 сребрени медали освоија на 13-от Интернационален Бреионобреин натпревар кој на онлајн платформа се одржа на 25 јануари.

Ние сме задоволни од успехот што го постигнаа нашите ученици во конкуренција од 23.128 илјади учесници од 78 земји. Натпреварот се состои во четириминутно решавање на задачи. Кој ќе реши најмногу и најточни задачи за 4 минути кога станува збор за натпреварите кои се организираат он лајн.“ – кажа координаторката и инструктор во БОБ Охрид, Валентина Кузманоска.

Сите 19 ученици кои учествуваа на меѓународниот натпревар освоија медал во својата категорија. Велат дека се среќни од постигнатиот успех и дека до в година ќе бидат уште подобри.

Си поминав многу убаво на натпреварот, освоив златен медал, решив 15 точни задачи, кажа Кирил Велјаноски.

Имам 10 години и точно решив 13 задачи. Задачите ми беа многу лесни, кажа Коста Ристески.

Втор пат учествувам на овај натпревар. И лани учествував на натпреварот. Не памтам колку задачи точно решив , ама повеќе решив. Среќен сум дека сега добив златен медал. В година, здравје, пак ќе учествувам. кажа Наум Балески.

Си поминав убаво на натпреварот и решив 14 задачи и освоив медал, кажа Спиридон Николоски.

Јас не знам колку задачи решив и едвај чекав да освојам медал. В година ќе учествувам да освојам златен медал.кажа Натаниел Тодороски.

Јас точно решив 18 задачи и освоив златен медал и многу сум среќен поради тоа. Најмногу со мојот успех се радуваа мама, татo, баба и дедо. – рече Христијан Глигороски.

Освоив златен медал, точно решив 20 задачи. Задоволен сум многу.кажа Иво Здравески.

Прв пат учествувам на натпреварот и добив златен медал и многу сум среќна. – кажа Ива Петкоска.

Освоив сребрен медал, се чувствувам многу добро, среќна сум. рече Дарја Лотеска.

Програмата Бреинобреин се состои од 10 нивоа, во почетните има ментална аритметика, а од петтото децата се текнуваат со вештини за извршување повеќе активности истовремено, односно во исто време можат да играат, пеат и да решаваат задачи. Ја посетуваат деца на возраст од 4 до 14 години, а само најупорните ги комплетираат сите нивоа.

Многу бара вложување, но од друга страна ако се вежба по 15 минути секојдневно има резултат кај секое дете што ја посетува програмата. Децата се здобиваат со вештини од типот на меморија, концентрација, вербални вештини, брзина, точност, лидерски способности, се развива креативноста, самодовербата , значи вештини кои нема да им користат само во оној момент кога ја посетуваат програмата туку тоа се вештини кои ќе ги користат во текот на целиот живот.“ – вели Кузманоска.

Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин при Црвен крст Охрид активно работи 15 години, во него досега поминале над 500 ученици и секоја година од секој натпревар се враќаат со грст трофеи и медали што покажува дека охридскиот БОБ центар е еден од најуспешните и во државава и на меѓународно ново. Овој успех се должи на посветеноста, вложениот труд и упорната работа на децата, на посветениот и професионален ангажман на тренерите и на поддршката од родителите, велат од Црвен Крст Охрид.