Доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“
Втората награда ѝ припадна на песната „Палавковци во рима“ од Атанас Крлевски, а третата награда им припадна на песните „Дедо Медо болен лежи“ од Соња Манасиевска – Конеска и „Волшебно будење“ од Ели Маказлиева. Прва награда не беше доделена.
Во чест и сеќавање на охридскиот поет и писател за деца, Тоде Илиевски во Општина Охрид се одржа литературна манифестација на кој беа доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“.
Во името на Локалната самоуправа присутните ги поздрави Билјана Коталески, советничка во Советот на Општина Охруид.
–Творештвото на Тоде Илиевски претставува вредно наследство кое и денес инспирира. Неговите песни, создадени со искрена љубов кон детскиот свет, носат пораки за добрина, надеж и верба во убавината на соништата.
Токму преку таквите дела детската литература ја исполнува својата најважна улога, да ги поттикне детското љубопитство, фантазијата и љубовта кон пишаниот збор.
Оваа манифестација има двојно значење. Со неа се одбележува споменот на еден истакнат автор, а воедно се остава простор за создавање на нови дела со кои се збогатува детската литература.
Упатувам искрени честитки до наградените автори на објавениот конкурс, како и до сите учесници кои со своите творби ќе придонесат оваа манифестација да добие посебна вредност. Вашата инспирација и љубов кон творештвото се доказ дека детската поезија продолжува да живее и да се развива.
Воедно, сакам да им се заблагодарам на организаторите и на сите кои вложуваат труд, оваа манифестација да продолжи да се одржува и да прерасне во една убава традиција. Ваквите настани се важни за културниот живот на нашиот град и за унапредување на литературната дејност.
Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да ги поддржи ваквите проекти и да даде свој придонес за развој на ново книжевно творештво.
Нека делото на Тоде Илиевски продолжи да биде поттик за нови генерации поети и писатели за деца и за сите оние кои веруваат во силата на вредните литературни дела!, истакна советничата Коталески.
Жирито во состав Маја Мојсова (член) Даниела Андоновска Трајковска (член) и Зоран Јакимоски (член) донесе едногласна одлука да не ја додели првата награда „со оглед на, како што се вели во образложението, послабиот квалитет на пристигнатите творби во однос на претходните години, а со цел зачувување на реномето на наградата, но и на делото на Тоде Илиевски…“.
Втората награда ѝ припадна на песната „Палавковци во рима“ од Атанас Крлевски, „…која квалитетно отскокнуваше од останатите пристигнати творби“. Третата награда им припадна на песните „Дедо Медо болен лежи“ од Соња Манасиевска – Конеска и „Волшебно будење“ од Ели Маказлиева.
По доделувањето на наградите, публиката имаше можност да ужива во мал концерт, подготвен од Миодраг Богиќ, виолина и Бисерка Марковиќ, клавир.
Како дел од програмата учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ –Охрид изведоа кус рецитал од богатиот опус на Тоде Илиевски, под менторство на наставничката Тања Џутески. Организатор на настанот е Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ со поддршка на Општина Охрид.