Во чест и сеќавање на охридскиот поет и писател за деца, Тоде Илиевски, вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа културен настан на кој беа доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“.
Организатор на настанот е Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ со поддршка на Општина Охрид.
Во знак на почит, од страна на организаторите беше доделена благодарница на градоначалникот Кирил Пецаков. Благодарницата ја прими заменик градонaчалникот, Перчо Божиновски кој истакна дека Општина Охрид во континуитет ќе продолжи да ги помага ваквите настани кои ја збогатуваат културната програма во градот. Тој упати честитки за идејата и реализацијата на конкурсот, со надеж дека истиот ќе прерасне во традиционален.
Конкурсот за избор на необјавена песна за деца, беше распишан како начин да се оддаде почит на Тоде Илиевски, охридскиот поет и писател, кој зад себе има оставено трајни вредности, посебно во книжевноста за деца. Од пристигнатите 96 песни, жири-комисијата во состав: Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски, издвоија 3 најдобри песни, на кои им беа доделени пригодни награди.