Доделени највисоките општински признанија, Светиклиментовата награда и Повелбите
Со свечена академија во чест на Свети Климент Охридски –заштитникот на Охрид, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа централниот настан за овогодишната програма за одбележување на патронот на градот.
Пред бројните гости говор одржа градоначалникот Кирил Пецаков.
„Свети Климент како да не беше од земјава, како да беше пратен од небо да го прогласи словото Божјо…тој е несразмерно богомудар и плодовит чудотворец… светозрачно сонце на словените, кој на небо е рамен со дванаесетте свети апостоли….“ ќе напише нашиот најголем преродбеник Григор Прличев, кој покрај сета посвета на светецот, ќе даде заклучок дека „Воопшто не можеме да најдеме зборови и мисли со кои ќе го пофалиме Климента како што треба“… па затоа, ЈАС, што и да кажам во оваа моја беседа ќе биде премалку и ќе делува прескромно за да се опише таа величествена големина и светост….
Ценети пријатели, во мое и ваше име, со искрена молитва и едноствна реч,
Посакувам вечно да живеее Светиклиментовата писменост, Светиклиментовата црква и Светиклиментовата школа и нека биде вечен неговиот благослов за Охрид и Македонскиот народ.
Нека овие мигови на заедништво и радост продолжат да бидат наша определба за поубаво утре! Нека е за многу години големиот празник, да славиме и чествуваме во здравје и среќа уште многу лета Господови и да го оставиме во аманет на идните поколенија!
Нека е вечен Свети Климент, нека е вечен Охрид, нека е вечна Македонија!, истакна градоначалникот Пецаков.
Проф. д-р Јордан Плевнеш кој е годинешен добитник на највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2023 година, упати голема благодарност до Општина Охрид за доделената чест.
Наградата Свети Климент Охридски, највисокото признание на Општина Охрид за мене означува една форма на временско отворање на епохите. Во сите осум милениуми на Охрид како да лебди Светиклиментовиот лик како основач на првата школа на хуманизмот во Европа. Имаше голема церемонија во Франција кога добив Гран при за животно дело и тогаш беше возбудата многу голема, но кога прочитав и кога ми го испратија писмото од општина Охрид во името на градоначалникот и стручната комисија, во мене се роди едно посебно чувство дека само Охрид може да Ве дарува со вечност и само Свети Климент може да Ве благослови. Наградата за мене е едно големо признание кое го доживувам како една интимна благодарност од мене, од мојата сопруга и од моите синови до градот Охрид, истакна Плевнеш.
Тој во името на Охридската академија за хуанизам на градоначалникот Кирил Пецаков му ја предаде документацијата за поставување на првиот и единствен Споменик на хуманизмот во светот токму во Охрид. Тој изрази надеж и верување дека во најскоро време оваа убава иницијатива ќе биде реализирана.
Повелбата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава им беше врачена на Христијана Парулеска која имаше меѓународен успех на светските натпревари во таквондо, на Интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово “ и посхумно на радио водителот Елеонора Чекреџи.
Во рамки на свеченоста, учениците од Охридската гимназија која го носи името на Свети Климент, ја почестија публиката со богата, музичка и уметничка програма.
Свеченостите посветени на охридскиот патрон, продолжуваат и утре со поклонение пред моштите на Свети Климент на Плаошник и полагање на свежо цвеќе пред спомениците na светецот во ОУ “Св.Климент Охридски“ и на градскиот плоштад.