Доделени сертификати за бесплатните курсеви на 32 учесници
Доделени 32 сертификати на учесниците на бесплатните курсеви по англиски, германски јазик и информатика на денешното одбележување, 106 годишнината од смртта на македонскиот преродбеник Кузман Шапкарев.
Одбележана 106 годишнината од смртта на охридскиот преродбеник Кузман Шапкарев. Денес во НУ „Григор Прличев“ во просториите на библиотеката на пригодна манифестација беа доделени сертификати на 32 учесници за бесплатните курсеви по англиски, германски јазик и информатика, организиран од Локалната самоуправа при општина Охрид. Бакрачески во своето излагање до присутните се обрати со краток говор за значењето на нашиот Козма, познатиот Кузман Шапкарев, и воедно на учесниците им ги врачи сертификатите.
„Водени од ентузијазмот на нашите предци и предизвиците кои ги наметна денешното време обезбедивме бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика и ја заживеавме на некој начин оваа вредна институција. Лично се чуствувам исполнето кога денес доаѓаме во фаза на доделување на сертификати токму на овој ден кога ја одбележуваме 106 годишнината од Шапкарев, сертификати и пред се знаење за кое сметам дека ќе има помогне на учесниците да гоподобрат сопствениот квалитет на живот“– истакна Бакрачески.
Слово за Шапкарев одржа истакнатиот охридски писател, есеист, Смиле Наумоски. Тој истакна дека охридскиот преродбеник, Шапкарев претставува нашата гордост, посебно затоа што меѓу првите се спротивставил на погрчувањето на нашиот народ, меѓу првите се спротивставил на македонските големци кои заради богатството ги подржувале и спроведувале грчките интереси во Македонија.
„Во училиштето кај вујкото не научи многу од јазикот ама научи дека вујко му собира народни умотворби и ги запишува со грчко писмо. Во 1848 година го напушта училиштето во Месокастро и почнува да учи кожуварски занает. Таму оди како на бесење и затоа го отпуштаат, но во охридскот училиште се ослободува место и тој станува учител на 16 годишна возраст. Во тоа време Јанаки Стрезов и Димитар Миладинов се на школување во Атина. Вујкото освен на своето доучување, постојано размислувал за својот сакан внук. Во една прилика го повикува во Битола и таму го запознава со Димитар и Константин Миладинови. Тогаш Шапкарев имал можност да ги запознае и да биде поттикнат од Миладиновци за творештво и собирање на народните умотворби“ – вели Наумоски.
Денешниот настан говори дека успешно ја реализиравме обуката со лицата кои се пријавија на курсевите, вели Славица Ристеска, директорката на отворениот граѓански универзитет за доживотно учење, „Кузман Шапкарев“. Додава дека иницијативата на градоначалникот и Локалната самоуправа за едукација на возрасни лица одлично била прифатена од страна на учесниците, која пак понатака во многу би им помогнала за вложување во себе, да се изградат како личности и повеќе да вредат на пазарот на трудот.
„Сметам дека со оваа иницијатива нема да застанеме дека понатака ќе се вложува и оваа институција ќе си го заземе своето место како што го има и во Европските земји. Ќе продолжиме со едукација, преквалификација и доквалификација на возрасни лица“ – вели Ристеска.
Одбележувањето на 106 годишнината од смртта на Кузман Шапкарев и врачувањето на сертификатите на учесниците беше збогатено и со прекрасната изведба на две точки на виолина од младите музичари од Методи Патче.
{loadposition content9}