Skip to main content

Во Охрид доделени сертификати за капетан на брод и бродски екипаж, за прв пат по 20 години

На денешното доделување на сертификатите, Охрид и регионот добија прва жена Заповедник на брод, Елена Лотеска- Наумовска.
 |  Маја Савиќ  | 

После 20 години, направивме законски измени и за прв пат овозможиме полагање на стручни испити за капетан на брод и бродски екипаж, што е чекор понапред во професионализација на внатрешната пловидба и подигнување на нивото на безбедност во пловниот сообраќај, истакна денеска од Охрид, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Од 2005 година во земјава не беше организирано полагање на овие испити и сите кои што сакаа да се стекнат со сертификати беа изложени на трошоци да полагаат во странство.

На денешното доделување на сертификатите, Охрид и регионот добија прва жена Заповедник на брод, Елена Лотеска- Наумовска.

-На првиот испит, сертификат добија еден заповедник на брод за управување со брод во меѓудржавен пловен пат, што е највисоко звање, осум заповедници на брод за управување на државен пловен пат, еден водач на палуба, шест морнари и особено ми е драго што за прв пат во Македонија имаме женски заповедник на брод, што значи дека ова е професија која што може да ја извршуваат двата пола. Нешто што сакаме да го стимулираме и во периодот којшто е пред нас. Ќе продолжиме да ги стимулираме сите коишто сакаат да се занимаваат со оваа работа, да дојдат да полагаат со цел да може да се регулира пловниот сообраќај во државата и да имаме едно повисоко ниво на безбедност, кажа вицепремиерот Николоски.

Николоски најави продолжување на инвестициите во соработка со Капетанија на пристаништа и Општина Охрид во насока на одржување на пристаништата во Свети Наум и во Охрид. Најави и уредување на градскиот кеј со градското пристаниште и пристаништето пред Хотел Палас, нешто што не е направено триесет години.

– Општината во моментов работи проект, односно работи проектирање. Од наша страна ние работиме во делот на пристаништата и очекувам заеднички да подготвиме еден проект којшто ќе значи целосно партерно уредување на кејот од една страна, од друга страна ставање во функција на пристаништето пред хотелот Палас во дел на полесни и помали пловни објекти од тип на кајчиња, едрилици и останати помали пловни објекти и пловила коишто се полесни за управување, додека старото градско пристаниште треба да добие комплетно нов лик со цел тука да се укотвуваат поголеми пловила. За ова разговаравме во Париз, аа, кога бевме во посета на УНЕСКО, четири министри и двајца градоначалници и можам со задоволство да кажам дека има расположение кај нив заеднички да работиме и да сите стандарди на УНЕСКО бидат постигнати со цел од една страна да се задржи статусот и да се унапреди, а од друга страна да имаме модерен кеј и да имаме пристаништа коишто ги опслужуваат потребите на дваесет и првиот век, кажа Николоски.

Илија Арнаудоски, капетан на Капетанија на пристаништата најави зголемен обем на инспекциски надзор во следниот период.

-Сакам да потенцирам дека набавен е нов глисер за инспекциската служба во Капетанијата на пристаниште во вредност од пет милиони денари и скоп на пристаништето во Охрид и скоп на пристаништето во Свети Наум. Исто така сакам да потенцирам дека оваа туристичка сезона ќе имаме зголемен обем на инспекциски надзор. Да апелирам до граѓаните на времено да си ги регистрираат своите пловни објекти и да се придржуваат кон мерките и прописите од внатрешната пловидба за да имаме мирна пловидба, кажа Арнаудоски.

Во бродскиот регистар во Капетанија се запишани околу 3,5 илјади пловни објекти. Бродската флота на Охридското езеро за брзо ќе добие уште еден брод Армада , а два други поголеми бродови се во фаза на градба.