Skip to main content

Доделени сертификати на професори од ЕМУЦ за обука во Костал

Ова го овозможија групацијата Костал и Швајцарската агенција за развој. Беше упатен повик приватниот сектор да се вклучи во соработка со средните школи. Учениците да имаат можност да се стекнат и со практично знаење кое ќе го применат во реалниот сектор.

 |  Валентина Неловска  | 

Доделени сертификати на професори од ЕМУЦ Св. Наум Охридски за реализирана обука во групацијата Костал. Со поддршка на Локалната Самоуправа и Швајцарската агенција за развој се овозможи обука „Напредни технологии во автомобилскиот сектор“. Обучените професори знаењето и искуството ќе го пренесат понатаму на нивните ученици. Со тоа ќе се заштеди време и средства, а учениците покрај добиеното теоретско знаење ќе се надградуваат и со практична обука, ќе се подготвуват за реалниот свет, кажа градоначалникот Кирил Пецаков, заблагодарувајќи се на сите учесници во реализација на проектот. Притоа го повика приватниот сектор да го следи примерот на групацијата Костал. 

Вакви проекти се основа за силен економски развој, преку соработка на локалните компании и средните стручни училишта. На овој начин може да се подготват кадрите во иднина во согласност со професионалните потреби на компаниите – истакна Пецаков.

Виктор Мизо, директорот на групацијата Костал, кажа дека општествената одговорност кон локалната заедница се искажува со конкретни дела за подобрување на системот на подолг рок. Проектот почна во април минатата година и заврши кон крајот на декември. Реализирани беа 1800 часови за 14 професори и 32 ученици од завршните години на електро – машинскиот центар.   

Овој проект е рефлексија на Костал за систематско подобрување и доусовршување на младиот кадар кој произлегува од средните училишта во Охрид со паралелна обука на наставниот кадар – вели Мизо.

Групацијата Костал беше иницијатор да се спроведе ваква професионална обука за напредни вештини кај наставниците. Кога зборуваме за квалитетно стручно образование суштински момент е потребата од учество на приватниот сектор како што е оваа ситуација, истакна Ивана Георгиевска од Швајцарската агенција за развој.

Радуваат примерите како што се Костал и „Св. Наум Охридски“. Тие ја унапредуваат реториката дека не може да се очекува училиштата сами да продуцираат квалитетни кадри, туку тоа се прави заедно со приватниот сектор на различни начини и форми – кажа Георгиевска.

Соработката меѓу ЕМУЦ „Св Наум Охридски“ и групацијата Костал започна во 2018 година со склучување на меморандум за соработка. Започна реализација на дуалното образование меѓу училиштето и компанијата, напомена Сашо Недески, директор на ЕМУЦ.

Овој концепт ги унапредува знаењето и практичните вештини на учениците кои по завршувањето ќе може да ги применуваат во производствениот процес за кој се обучени, што е и крајна цел на образовниот процес – додава Недески.

Со проектот „Напредни технологии во автомобилскиот сектор“ беа опфатени 14 наставници од електро-техничката и машинската струка. Во  шестмесечна реализација на проектот учествуваа ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и Групацијата Костал, а беше поддржан од Швајцарската агенција за развој и Локалната самоуправа Охрид.