Skip to main content

Доделени стипендии на лица со ретки болести во Охрид

На пригоден настан кој се одржа денеска, градоначалникот Кирил Пецаков ги додели договорите за стипендирање на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети.

 |  Голабовски Крсте  | 

На пригоден настан кој се одржа денеска, градоначалникот Кирил Пецаков ги додели договорите за стипендирање на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети.

Вакви стипендии се воведени за прв пат во Програмата за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид и се финансирани од општинскиот буџет.

Градоначалникот Пецаков во своето обраќање пред присутните истакна дека оваа поддршка значи почеток на една поголема соработка и обезбедување на подобри социјални услови за лицата со ретки болести и посебни потреби како и за нивните семејства.  Тој објасни дека Општина Охрид во согласност со можностите и законските регулативи за социјална заштита континуирано обезбедува поддршка на здруженијата и иницијативите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството и дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Иницијатор на воведувањето на оваа нова категорија стипендии е здружението ,,Ретко е да си редок’’. Претседателката на здружението Гордана Лолеска искажа голема благорност до градоначалникот Пецаков за соработката, за покажаниот интерес и прифаќањето на иницијативата. Таа изрази надеж дека оваа мерка на охридската локална самоуправа ќе служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести и посебни потреби.

Оваа година ќе се исплаќаат вкупно 31 стипендија во оваа категорија. Стипендиите за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби се доделуваат по претходно распишан конкурс за период од 9 месеци во учебната 2021/22 година. Месечниот износ на стипендијата е 1500 денари за ученици и 3000 денари за студенти.

Општина Охрид како дел од програмата за образование и оваа година обезбеди стипендии за ученици од основните и средните училиштa како и редовни студенти запишани на додипломски студии во прва година.