Долга редица за вакцинација од сезонски грип во Охрид
Масовна вакцинација против грип во Охрид. Секоја година оваа активност ја организира Центарот за јавно здравје од Охрид. Годинава за таа цел набавени се 3 000 вакцини. Вакцинирањето е превентивно и се препорачува за лица со зголемен ризик за заболување од грип и можни компликации од истиот, нагласува епидемиологот д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.
Гужва пред охридското епидемиолошко одделение при Центарот за јавно здравје, во Охрид. Само денес, за нецел час откако почна имунизацијата над 50 пациенти ја примија вакцината против сезонски грип. Најголем број пациенти беа повозрасни граѓани, кои како најризична категорија бараат начин да се заштитат од вирусот што коси во зима. Докторите со апел, вакцината пожелно е да ја примат сите граѓани кои работат во институции каде има голема фреквенција на луѓе а не само лицата над 60 годишна возраст, што за жал кај нас тоа го покажува праксата.
„Одзивот е голем, досега се вакцинирани околу 1000 лица секој ден се врши вакцинирање од 08 до 14 часот. Меѓутоа оние лица кои што не можат да дојдат да се вакцинираат во овој период, Центарот за јавно здравје планира во една од наредните саботи во период од два часа да се врши вакцинирање против сезонски грип. За термините дополнително ќе информираме која сабота и во колку часот ќе се врши вакцинирањето“.
Д-р Коровешоска нагласува дека годинава посебно внимание обрнале на старите изнемоштени лица. Годинава за нив за прв пат мобилна екипа ќе врши вакцинација во нивните домови, за што сите заинтересирани навремено ќе бидат информирани.
„Изготвени се списоците и секојдневно се зголемува бројката на лицата кои што сакаат да бидат вакцинирани во нивните домови. Очекуваме годинава да има поголем одзив бидејќи минатата година бројот на заболени лица од сезонски грип беше поголем во споредба со 2015 год“ .
Од Центарот за јавно здравје годинава набавиле 3000 вакцини против сезонски грип. Оваа вакцина штити двата типови А и Б. Вакцината е со унифицирана цена од 400 денари и се препорачува за лица со зголемен ризик за заболување од грип и можни компликации од грип.