Skip to main content

Долготрајниот дождлив период го загрозува родот на коскестото овошје


Охридските одгледувачи на цреша стравуваат  дека годинешниот род ќе им се уништи ако продолжат врнежите.  Совет до овоштарите веднаш да се искористи првиот сончев ден за да се испрскаат стеблата и заштитат од болеста мунилија. 

 |  Валентина Неловска  | 

Родот на црешите, праските, кајсиите, вишните е загрозен од дождот. Долготрајниот, дождлив период во охридскиот регион е неповолен за коскестото овошје. Врнежливото време, посебно го загрозува годинешниот род на црешата кој е во фаза на зреење, стравува Ванчо Стојаноски, одгледувач на цреша. Стојаноски, сепак, се надева дека временските услови ќе се подобрат, а овоштарите треба веднаш да почнат со прскање на стеблата.

„ Препорака до одгледувачите на коскестото овошје, посебно на црешата. Веднаш да го фатат првиот ден по влажниот период и да ги третираат овошките против мунилија. Таа е опасна болест доаѓа до сушење на родните папки, гранки, стеблата“, напоменува Стојаноски.

15 проценти од аграрот во соседна Србија веќе трпи штета од влажниот период и поплавите кој зафатија делови од соседството, вели Стојаноски. Постои опасност и кај нас, домашните сорти цреша да испукаат, да се уништи родот, а одгледувачите да претрпат загуби ако продолжат врнежите. Очите на охридските овоштари се вперени во метереолошките извештаи од каде очекуваат вести за поволни временски услови, за веднаш да делуваат.

„ Ако навреме не ги заштитиме плодовите против скапување ќе е доцна. Да не го пропуштиме по влажниот период овој третман. Нека следува веднаш и ѓубрење на база на морски алги кои содржат аминокиселини , преку листот, да се избегнат класичните вештачки ѓубрива , со примена на природните органски ѓубрива добиваме поздрав производ и растението го зголемува имунитетот и е помалку подложно на болести“, кажува Стојаноски.

Стојаноски апелира до колегите овоштари, посебно до одгледувачите на цреша да внимаваат при бербата. Квалитетните плодови на цреша ќе влијаат и на откупната цена. Несовесните одгледувачи доколку невнимаваат при бербата ќе ја срушат откупната цена, а при тоа губат сите, подвлекува Стојаноски.