Skip to main content

Сите сме нивни деца

Дом за стари лица и дневни центри се неопходни во охридскиот регион

На граѓаните во третото доба во Охрид и Дебрца им е потребен Дом за стари лица и дневни центри. Денеска Групата за поддршка на стари лица која работи во склоп на Црвен Крст Охрид под мотото Сите сме нивни деца, во рамки на Неделата посветена на грижата за постарите лица , потсети дека заедницата треба да покаже повеќе свесност за потребите на овие граѓани. Тие изготвија иницијатива за изградба на Дом за стари лица која ќе ја поднесат до локалната власт.
 |  Маја Савиќ  | 

Дом за стари лица и дневни центри се неопходни во охридскиот регион. Групата волонтери за поддршка на стари лица која работи во склоп на Црвен Крст Охрид, денеска под мотото „Сите сме нивни деца“, потсети дека заедницата треба да покаже повеќе свесност за потребите на граѓаните од третото доба. Во рамки на  одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица,  на Отворен ден тие ја презентираа иницијативата за изградба на Дом за стари лица која ќе ја поднесат до локалната власт.

„ Охрид, Дебрца и регионот немаат таков дом и такви дневни центри и тоа го правиме денеска на свој начин, целата група и гостите, ние ќе укажиме на локалните заедници , на оние кои раководат , кои носат одлуки , дека навистина тоа е потребно. Ние изготвивме и иницијални материјали како документи и мислам дека овој настан денеска, на одреден начин, е една круна да го означиме како почеток на едно сериозно проектно размислување за да почнеме да градиме дневни центри и особено дом за стари лица.“ – изјави Љупчо Милковски – координатор на Група за грижа за стари лица при Црвен Крст Охрид.

Бенефитот од сместување, нега и социјализација во дом е од непроценлива важност за здравствена и психофизичка благосостојба на старите лица за кои нема кој да се грижи. Постарите граѓани ни се осамени , потребен им е разговор, дружење, но има и доста лица кои се борат за егзистенција, на кои им е потребна социјална помош, лица на кои им е потребна поддршка во обавување на секојдневни работи, велат волонтерите од Групата за поддршка на стари лица, која функционира  8 години под закрила на охридскиот Црвен Крст.

„Повеќе од 20 лица волонтери работиме овде. Значи секој понеделник доаѓаме, преку целата година и прво се јавуваме телефонски на корисниците и се договараме со нив, ги прашуваме какви проблеми имаат, што треба да им се помогне. Секој понеделник од 10 до 14 часот сме овде и доколку има потреба одиме и во домашни посети.“ – вели Горка Донеска – координатор на група за грижа за стари лица.

Волонтерите покрај помошта која ја даваат на старите лица во секојдневниот живот , организираат и дружења, разни настани, распишуваат литературни и ликовни конкурси во соработка со училиштата, се вклучуваат во еколошки акции,  разни едукативни работилници за здравјето во соработка со медецински лица од јавните здравствени установи во градот.

„Оваа група за поддршка на стари лица е многу креативна , многу корисна и потребна. Сега кога се подготвуваа за одбележување на оваа недела кажаа со доза на огорченост колку се револтирани затоа што градот се уште нема Дом за стари лица , такашто нивна иницијатива е, којашто ќе се поднесе и до локалната самоуправа , Охрид конечно да добие еден Дом еден Центар за грижа за стари лица, каде оние кои се запоставени, кои живеат сами, а ги има многу и во Охрид и во Дебрца , кои имаат многу потешкотии да опстанат секојдневно, некој да се грижи за нив.“ – изјави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.

Неделата на стари лица, Црвен крст Охрид  традиционално ја одбележува, оваа година од 20 до 26-ти ноември во рамки на која волонтерите од Групата за грижа за стари лица презентираат бројни активности кои ги преземаат за квалитетно и достоинствено стареење на старите лица во регионот.