Домашните гости се враќаат на охридско – струшката ревиера
Летната туристичка сезона оваа година за нијанса подобра од минатата. За тоа посебно допринесе податокот што значително имало зголемување на бројот на домашни посетители, како и остварени ноќевања заклучно со месец јули, како што изјави Ѓоко Апостолов од Секторот за ТЛЕР.
Домашните гости се враќаат на охридско струшката ревиера.
Оваа туристичка сезона домашните посетители изненадија. Заклучно со месец јули, според податоците на Државниот завод за статистика бројот на домашни гости за 25% е поголем,вели Ѓоко Апостолов од Тлер. Тој смета дека овој податок радува, имајќи ги во предвид неколку околности кои можеа да влијаат истата да биде загрозена.
„Ако може до овој момент според официјалните податоци да сумираме јас би ја окарактеризирал како доста успешна бидејќи имавме мигранска криза на почетокот на сезоната, актуелната политичка состојба во државата и делумно временските неприлики кои ги имавме и во јули и месец август. Бројките покажуваат дека сепак имавме туристичка сезона која што за една нијанса може да ја окарактеризираме како подобра од минатите“.
Апостолов нагласи дека ги очекуваат и официјалните бројки за месец август. Според него, тие само треба да го потврдат трендот што веќе неколку години наназад го имаме во туристичкиот бисер. Додека пак што се однесува на бројот на посетеност на стрнски гости Апостолов вели дека сликата е идентична како минатата година.
„Најголем број на посетители имаме повторно од Турција како бројка на туристи, но најголем број на остварени ноќевања имаат гостите од Холандија кои што доаѓаат организирано преку чартер летови веќе традиционално години наназад. Исто така она што е позитивно е дека нивната бројка перманентно се зголемува а се прават напори и за проширување на периодот во кој што доаѓаат овие гости“.
Според податоците со кои располага Секторот за ТЛЕР, како што нагласи Апостолов, хотелските капацитети и дел од приватното сместување во месец септември биле исполнети 80% . Нивните очекувања според досегашните најави се дека и месец октомври, Охрид ќе биде исполнет со гости исто како и минатиот месец.