Skip to main content

Домот за стари лица актуелна тема за охридските советници

Изградбата на Домот за стари лица останува актуелна тема меѓу охридските советници. Градоначалникот Бакрачески смета дека почетокот на изградбата на оваа потребна установа, може да се очекува во 2016 година.

 |  Николоска Биљана  | 

Изградбата на Дом за стари лица во Охрид засега останува само на хартија.Нема никакви активности околу отпочнување со реализација на овој капителен проект кој претставува една од најсушните потреби на градот, забележува Виолета Мицкоска – советничката од СДСМ. Таа до градоначалникот се обрати со неколку прашања во врска со изградбата на овој објект како и за запазување на роковите околу отпочнување на неговата изградба.

„До каде е изградбата за стари и изнемоштени лица незнам по кој пат го поставувам ова прашање, секако дека тој простор го дадовме односно го продадовме, меѓутоа беше обеќано дека за година дена ќе биде започнта неговата изградба затоа што немаме многу слободно време за нив и во моментов се оставени на милост и немилост“ – прашува Мицкоска.

Градоначалникот Никола Бакрачески во врска со реализација на проектот, Дом за стари лица со оптимистички најави. Според Бакрачески, одбраниот понудувач, согласно одредбите од Договорот за купопродажба, е обврзан во рок од две до четири години да го изгради предвидениот Дом за стари лица, а неговите сознанија говорат дека тоа ќе се случи порано од предвидениот рок.

„Од она што јас го знам во преговори со инвеститорот, односно со купувачот на земјиштето, тој во овој момент интензивно ја работи проектната документација, покажа цврста определеност да почне со градба во 2016 год јас ќе кажам дека ние немаме механизам да му наложиме освен она што значи наша обврска да ги почитуваме роковите од договорот а тоа е дека тој мора да извади одобрение и да почне со градба во тек на 2016 год“ – појаснува Бакрачески.


Во Охрид треба да постои и функционира Дом за стари лица, бидејќи според Европските стандарди бројот на легла кои што треба еден град, средина или регион да ги има е 4% од вкупниот број на население кое што е над 60 години.

„Кај нас во општините Охрид и Дебрца некаде околу 8000 се луѓе над 60 години. Тоа значи дека 4%, некаде околу 400 постели би требало да има во нашата оштина. Ние ги имаме оние легла кои ги нуди Геријатрискот одделение кое што е со ограничен карактер и ни одблизу не ги задоволува потребите на овој град и овие општини Охрид и Дебрца“- изјави Точков.

Само за потсетување минатата година на почетокот на јуни месец градоначалникот  Бакрачески и претставници на градежната компанија АД „Илинден“ од Струга потпишаа договор за купопродажба на градежно земјиште, парцела во охридската населба „Далјан“ на која ќе се гради современ Дом за стари лица. Станува збор за градежна парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни, која на јавното наддавање достигна цена од 1.532 денари од метар квадратен. АД „Илинден“ за градежната парцела исплати 12.907.100 денари, средства од кои 80 проценти остануваат во буџетот на Општина Охрид додека преостанатите 20 проценти се за ресорното Министерство за транспорт и врски.