Дополнително ќе се регулира чистењето на дворните површини околу зградите во Охрид
Општина Охрид подготвува индивидуален акт со кој се предвидува регулирање на обврската на станарите во објектите за колективно домување во однос на чистење на површината на дворното место. Ова доаѓа после вчерашната средба на активистите од „Чист Охрид“, со претставниците на општина Охрид, ЈП Охридски Комуналец и комуналните инспектори и редари.
Последната акција за чистење на градските површини во Охрид од страна на неформалното граѓанско здружение „Чист Охрид“ покрена иницијатива за средба со претставниците на општина Охрид, од ЈП „Охридски Комуналец“ како и со комуналните инспектори и редари. Целта на средбата било да им се појасни на активистите од Чист Охрид кои се ингеренциите на ЈП и инспекторатот во делот на јавната чистота, што на општо задоволство било позитивно прифатено, вели Стефан Маслов раководителот за јавна хигиена во ЈП.
„Вчерашниот состанок беше да се стави поголем акцент на таквите површини односно да се допрецизира што е јавна а која е приватна површина а кои се обврските. Како што напомнав ние имаме обврска да ја уредуваме јавната површина а останатите приватни површини се на сопствениците. Знаете се соочуваме со доста неуредени приватни површини од тие причини во фаза е изготвување на посебен акт тоа е индивидуален акт на секоја општина каде што се регулира начинот на плаќање, на уредување и обврските кои ги имаат приватните сопственици на просторот кој е во нивна сопственост“.
Досега во општина Охрид не е донесен еден ваков акт, односно се применуваа одредбите од Законот за јавна чистота, посочува Маслов. Тој нагласи дека колективното домување во општина Охрид во однос на чистење на површината на дворното земјиште бил еден од посериозните проблеми со кој се соочува комуналното ЈП.
„Обврските каде што се работи за приватни површини се обврски на самите физички односно правни лица, зависи за каде се работи. Најголем проблем во градов сде соочуваме на местата каде што имаме колективно домување односно околу зградите бидејќи таму постојат куќни совети и таму обврската е нивна значи уредување на тревнатиот и партерниот простор околу зградите. Кај зградите кај некои имаме завршено приватизација, некои се во фаза така да имаме голем проблем во тој дел“ .
На средбата биле разгледувани и можности за идна соработка на најразлични креативни начини како и засилување и спроведување на законски регулирани мерки за справување во делот на јавната чистота и свеста на граѓаните. До кога ќе биде готов индивидуалниот акт за регулирање на обврските на станарите во однос на чистење на дворното место не се знае. Од Локалната самоуправа информираа дека за тоа дополнително ќе бидеме известени.