Доволно средства за проекти од културата
НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе реализира 21 од поднесените 28 проекти на конкурсот на Министерството за култура. Задоволни се од одобрените средства во висина од 1,5 милиони денари добиени од финансискиот колач за проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2023 година. Меѓу бројните проекти го издвојуваат оној за заштита на стари и ретки книги кои се дел од библиотечниот фонд, а на располагање имаат 300.000 денари. За збогатување на книжниот фонд за одделението за возрасни добиваат 200,000, а за одделението за деца 150.000 денари, информира директорот Милчо Јованоски.
„Имаме и помали финансиски проекти, но и поинтересни. Се вклучува во работата на библиотеката скоро целиот кадар. Популаризација на книгата помеѓу најмладите преку средби со писатели, поети, творци каде што ќе може да се размислува за враќање на читателската публика назад. Затоа што во време на компјутери децата помалку читаат и имаат посиромашен фонд на зборови за изразување. На работилници ќе им помогнеме гласно да читаат и размислуваат, да имаат јасна мисла“, појaснува Јованоски за дел од престојните проекти .
Охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ и Народен театар се задоволни со добиените средства во висина од близу 4 милиони денари, вели Горан Симоноски, директорот на ЦК .
„Задоволни сме од добиените три проекти од театарскиот дел, како и за стнадрдните манифетсации Прличеви беседи, Балкански фестивал ,Староградски средби , фолклорното друштво Бисери. Имаме еден надворешен проект изложба и 400.000 денари за материјални трошоци претапацирање на столчиња“, вели Симоноски.
Одобрени се по 600.000 денари за театарските претстави „Чекајќи го Годо“ , од Семјуел Бекет во режија на Сашо Миленкоски и „Серјожа е труп“, од автор од Димитри Данаилов, во режија на Дејана Николовска, а 650.000 денари за „Несфатената цивилизација“ од авторот Добри Војников, во режија на Софија Ристеска Петрушева.
Од Фестивалот „Охридско лето“ се задоволни од добиените средства за реализација на годинешната програма. Наташа Поповиќ, директорката на установата, информира дека се одобрени 30 милиони денари. Одобрени се само два милиони денари помалку во споредба со минатогодишниот износ за реализзција на програмата. Поповиќ јавно изрази благодарност за довербата, која, како што рече, фестивалот ќе ја оправда со продолжување на високото реноме преку врвна програма со светски уметници.
Од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид им се одобрени околу 4,4 милиони ден. Помеѓу, повеќето проекти најмногу средства се одобрени за набавка на техничка опрема и систем за вентилација за потребите на конзерваторската лабораторија при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. За конзервација на централната кула од северниот бедемски ѕид на северната половина на Цитаделата како и доистражување на просторот од Самуиловата Тврдина, потоа за конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата Св.Богородица Болничка, за дигитализација на документацијата од археолошките истражувања на локалитетот Плаошник, за увид на состојбата на меморијалните споменици од НОБ и нивно интервентно санирање на оштетувањата, ова се само мал дел од проектите за кои се одобрени средства на НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј-Охрид.
На денешниот он лајн состанок, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојческа, ветила дополнителни средства за проекти на установите доколку има ребаланс на буџетот во втората половина од оваа година.