ДПИ: Не се затекнати гости во охридските угостителски објекти без сертификат за имунизација
При контролите на Државниот пазарен инспекторат не биле затекнати посетители без сертификат за имунизација со две дози на вакцина. Инспекторите не откриле прекршоци и претходно кога гостите требаше за влез во објектите да поседуваат сертификат за имунизација со една вакцина.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат продолжуваат со контроли на објектите кои се во нивна надлежност дали се почитуваат измените и дополнувањата на Одлуката за заштита на населението од ковид 19, информира Цветко Ристески, раководител на ДПИ подрачна едница Охрид. Со последните измени посетителите мора да поседуваат сертификат за имунизација со две дози вакцина, а мерките започнаа да се применуваат од 15-ти овој месец.
Во овој период не се констатирани неправилности. Но, се интензивираат контролите како што се наближува викендот. Очекуваме за викенд деновите по угостителските објекти да има поголемо присуство на гости и тогаш ќе бидеме помобилни. Воведени се и дежурства и ќе вршиме надзор по објектите – истакна Ристески.
Во моментов во Охрид нема кабаре барови кои подлежат на контроли на ДПИ, но затоа пак угостителските објекти, спортските обложувалници и казината се должни да им бараат сертификати за имунизација на гостите. Направените инспекциски контроли покажале дека во Охрид биле почитувани и претходните мерки за заштита на населението од пандемијата да имаат сертификат за имунизација со една вакцина.
Глоби се изречени, но не по основ за поседување на посетителите на сертификат. По тој основ такви гости немаме затекнато во објектите. По други законски основи кои се од нашата надлежност има изречени глоби – додава Ристески.
Во месец октомври па се до 15-ти ноември инспекторите на Државниот пазарен инспекторат од Охрид направиле 500 визулени контроли.