Skip to main content

Др. Новевска: Да се преиспита ставот на Хидробиолошки за блатото

Др. Вера Новевска, научен советник, во пензија, со 35 годишен стаж во Хидробиолошки Завод Охрид, реагира на ставот од оваа институција во однос на Студенчишкото блато, изнесен на вчерашната седница на градскиот совет.

 |   | 

Блато

Др. Вера Новевска, научен советник, во пензија, со 35 годишен стаж во Хидробиолошки Завод Охрид, реагира на ставот од оваа институција во однос на Студенчишкото блато, изнесен на вчерашната седница на градскиот совет. Вознемирувачка беше информацијата, изнесена од Хидробиолошки завод на седницата на Советот на Општина Охрид, одржана на 27. 03. 2015 год, вели др Новевска и додава:

Познато е и научно докажано, дека блатото и колкав дел од него да е останат, претставува најдобар филтер на сите води кои гравитираат кон Езерото и со тоа го заштитуваат. Овој екосистем претствува дом за многубројни флорно фаунистички видови кои ги има само тука. Значи ставот на НАУЧНАТА ФЕЛА, од Хидробиолошки завод ако е тоа навистина нејзин став, дозволува уништување на сето тоа а и на Езерото.

Зарем е можно она што природата ни го дала нам и на многу,многу генерации после нас, да биде уништено заради послушност? Зарем треба да се дозволи науката да биде партиска марионета, а ставовите да бидат пренесени онака како се формулирани од повисоки владини инстанци заради лични интереси? Простете, но ваквиот став од научна институција наведува на вакво размислување.

Научните работници, експерти се токму затоа, со своето научно истражувачко сознание да дадат правилни толкувања на вака чувствителни работи. Ако вака размислува научната фела од Хидробиолошки завод, составена од 13тина доктори на наука, што останува за обичниот граѓанин.

Апелирам, доколку е ова став на Заводот, да се преиспита и науката доколку ја има и доколку партиски не се стопила, да се огласи со правилно научно образложение за проблемот. Ако е пак тоа став на поединци-научни работници, прашувам каде им е научното достоинство и зошто им служи научното звање. Импресионира ставот на г-дин Дејан Пановски по однос на значењето на блатото, стои во дописот од Др. Вера Новевска.

***Изнесениот став, доставен до ТелевизијА ТВМ, е личен став на авторот и ТВМ не сноси одговорност за изнесеното.