По впечатливиот настап во 2025 година, кога со предавањата „All Things Vascular” и „Imaging to the Rescue” ги претстави најсовремените пристапи во третман на комплексни васкуларни и периферни артериски лезии и предизвика значаен интерес кај меѓународната стручна јавност, д-р Виолета Мојсовска Наумоска од Кардиолошкиот центар „Св. Стефан” – Охрид на 19 февруари 2026 година во Минхен ја доби престижната европска стипендија за едукација и професионална надградба.

Стипендијата се доделува преку EAPCI (European Association of Percutaneous Cardiovascular Interventions) – европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции, која функционира во рамки на Европското кардиолошко здружение (ESC) и претставува едно од највисоките стручни тела во Европа за развој на интервентната кардиологија, едукација на кардиолози и поставување на современи клинички стандарди. Грантот се доделува на мал број избрани кардиолози од Европа, како признание за научен придонес, клиничка експертиза и потенцијал за понатамошен развој.

Особено внимание кај експертите привлече нејзиниот иновативен пристап преку тибијалната артерија при третман на долги CTO лезии на површинската феморална артерија — техника со директна практична вредност за пациентите.
Овој успех не е само личен, туку и професионална придобивка за домашната здравствена практика, бидејќи знаењето и европските протоколи кои се имплементираат придонесуваат за побезбеден третман и подобри клинички исходи.