ПСС: За првпат употребен дрон со термална камера во акција за пронаоѓање исчезнато лице во Охрид

За првпат специјализирано беспилотно летало со термална камера беше употребено во спасувачка акција за пронаоѓање исчезнато лице во Охрид, информираат од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
Од службата појаснуваат дека вчера во 21:40 часот Оперативниот центар примил повик за потрага по повозрасен сограѓанин кој, од засега непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато.
Поради исклучително тешките услови на теренот, густа вегетација, кал и ноќни услови, во акцијата за првпат било употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера.


–Станува збор за современа опрема што неодамна ја набави Црвен крст Охрид, наменета за операции за пребарување и спасување на изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја. Дронот е набавен со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), во рамките на проект што Црвен крст Охрид го спроведува во партнерство со „Урсус Спелеос“ – Скопје и Националниот парк „Галичица“, а кој е насочен кон намалување на последиците од климатските промени и јакнење на капацитетите за одговор при природни непогоди, информираат од ПСС.
Акцијата завршила успешно во 23:15 часот, кога исчезнатото лице било пронајдено неповредено.
Во потрагата, покрај спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, учествувале и припадници на ТППЕ Охрид, како и членови на семејството на исчезнатото лице.
Од Планинската спасителна служба упатија благодарност до сите учесници за брзата реакција, професионалноста и координацијата, кои придонеле акцијата успешно да заврши.







