Skip to main content

Авиосообраќај

Државата ќе субвенционира нови авиолинии

Авиопревозниците ќе добиваат по 4,5 евра од охридскиот и 7 евра од скопоскиот аеродром по патник во заминување. За разлика од претходно ќе можат да се изберат повеќе авиокомпании за којшто се предвидени 1,1 милион евра.
 |  Валентина Неловска  | 
Охридски аеродром

Субвенционирање на нови авиолинии од охридскиот и скопскиот аеродром, најави Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната прес-конференција. Предвидени се 1,1 милиони евра од буџетот за следната 2023 година. Јавниот повик е отворен и може да се пријават сите заинтересирани авиокомпании. Државата ќе доделува субвенции во наредните три години, а за разлика од претходно ќе можат да се изберат повеќе авиокомпании. Повикот е отворен заклучно со 19-ти следниот месец до кога може да се доставуваат барања до Министерството за транспорт и врски.

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Ќе се доделува финансиската поддршка од седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле – информира Бочварски.

Скопски аеродром

Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје, не треба биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони од и до Скопскиот аеродром. Истото важи и за новите дестинации од Охридскиот аеродром за кој ќе се доделува финансиска поддршка.

Авиопревозникот кој ќе биде избран да користи субвенции е должен секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува финансиската поддршка, да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање. Да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, а на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за своето работење – напомена Бочварски.

Заинтересираните авиокомпании за учество на повикот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ, согласно прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници. Потребно е да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварен профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година.

Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз ер“ заврши на 1 март годинава. Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.5 милиони денари, во 2020 година 21 милион денари, во 2021 година 10.4 милиони денари, а годинава не се исплатени средства.