Државата ќе уредува 5 нови плажи на охридското крајбрежје
Државата ќе уредува 5 нови плажи на охридското крајбрежје
Охридските бизнисмени и градоначалникот Никола Бакрачески на денешниот состанок ги разгледуваа новосоздадените можности кои ги нуди градот за привлекување на инвеститори. Странските и домашните инвеститори сега преку бизнис брошура ќе можат полесно да доѓаат до информации за инвестирање во стопанските капацитети на Охрид. Општината изработила единствена бизнис брошура од ваков вид во земјава во насока за подигање на економскиот локален развој на градот.
„ ЛС вложува напори да им помогне и да им олесни на сопствениците на капацитетите како полесно да ги реализраат своите инвестиции, како полесно да најдат партнер или евентуално пак да го пренаменат типот на производството кое за нив ќе биде попрофитабилен“, кажа градоначалникот Бакрачески.
Покрај можностите кои во моментов ги нуди градот беше разговарано и за изработка на долгорочна стратегија за Локален економски развој на градот во следните 10 години. Беа презентирани и владини проекти поврзани со Охрид. Градоналчалникот најави уредување на 5 нови плажи на охридското крајбрежје.
„ Се планира да бидат изградени онака како што ние предложивме, 4 од Лагадин до Пештани и една од Грашница до хотел Далјан. Се работи за поголема инвестиција на владата. Во 2014 ќе започне проектот, а до 2016 ќе бидат уредени.“
На локалниот економски совет се разговараше и за изградба на пешачка патека од Пристаништето до Канео, како и за можностите за инвестирање во градба на хотели. Во моментов има тројца потенцијални инвеститори за две локации. Интерес за вложување во изградба на луксузни хотели со 5 ѕвезди, кои ги нема на охридското крајбрежје, покажале инвеститори од Катар, Русија и Украина, напомена Бакрачески.
{loadposition content9}