Душко и Костадинка одбележаа 7 децении среќен брак
Дијамантска свадба прослави брачниот пар Лошкоски од село Оровник.Тајната на долговечната брачна заедница е во меѓусебната слога и почитување, откриваат сопружниците на чии лица се гледа љубовта која сеуште трае.
Душко и Костадинка Лошкоски од село Оровник прославија дијамантска свадба. Тие одбележаа 7 децении успешна и среќна брачна заедница од која се изродиле тројца синови. Двајцата се на прагот од десетата деценија од животот. На нивните лица зрачат среќа и љубов која сеуште трае како првиот ден од нивната средба.
„ Во тие времиња немавме лична карта девојките се гледаа по убавината. Костадинка беше ниска ама ко киска “, денес весело раскажува Душко за првата средба со Костадинка пред 7 децении.
Брачниот пар Лошкоски во третото животно доба се опкружени со внимание и грижа од синовите, снаите, внуците и правнуците. Годините натежнале, здравјето полека попушта, но не и грижата за еден кон друг. Задоволно ја откриваат тајната на долговечноста на нивната брачна заедница.
„ Рецептот е меѓусебната слога и почитување. Да нема кавга. Досега слога сме имале. Бевме тројца браќа се поделивме без расправии. Во 2006 се поделивме и со синовите, имотот им го подаривме и со нив се поделивме најубаво. Сите не почитуваат снааите, синовите , внуците и правниците, цела фамилија“, вели дедо Душко.
На дијамантската свадба на брачниот пар Лошкоски меѓу најблиските роднини и пријатели беа и пријателите од ОО Црвен Крст – Охрид. Како што налага нивната Програма за грижа за стари лица, дојдоа да им го честитаат брачниот јубилеј.
„ Им пожелуваме се најубаво и да славиме 75 и 80 години брак. Да бидат за сите нас добар пример како се негува брачната заедница и која е тајната за долг брак во едно вакво убаво и весело располжение,“ кажа Милкоски.
Од ОО ЦК посочуваат дека во Охрид и Дебрца има 15 брачни заедници со подолг брачен стаж , но Лошкоски се најдолга брачна заедница.
На Душко и Костадинка им посакуваме уште долги години заедничи живот и меѓусебна љубов, опкружени од семејствата на тројцата синови и снаи, 6 -те внуци и 12-те правнуци.