Два километри рибарски „мрежи духови“ извадени од Охридско Езеро
За само четири дена од Охридското езеро извадени 70 тина рибарски мрежи, на локалитети од Заум до полуостровот Градиште на длабочина од 5 до 35 метри каде се наоѓаат природни мрестилишта на охридската пастрмка. Акцијата ја спроведе ЈНУ Хидробиолшки завод со партнерите НЦ Амфора од Охрид и меѓународната организација Healthy Seas во рамки на пилот проектот за заштита на Охридското Езеро од феноменот „мрежи духови“. Во овие напуштени или изгубени мрежи во езерото се заплеткува се што ќе помине покрај нив и низ нив, од риби, краби и ракови, птици како мал корморан и норкач, па се до отпад, што ги прави сериозен проблем за езерскиот екоситем.
„ Зошто се тие мрежи опасни? Не само поради тоа што прават замки за рибите и за останатите живи организми во езерото тие исто така претставуваат препреки на кои се напластуваат одредени органски и физички материјали. Воедно се изработени од материјал кој не е биоразградлив , претежно од најлон, којшто остава последици врз животната средина и живиот свет којшто го населува езерото.“ – изјави Д-р Орхидеја Тасевска – Директор на ЈНУ Хидробиолшки завод – Охрид.
Езерото е доста големо и има заостанати мрежи на многу локации. Во оваа акција беа опфатени локалитетите кои претставуваат природни плодишта на пастрмката, кои се карпести предели што покрај мапирањето на локациите претставува дополнителна потешкотија за нуркачите при отстранување на мрежите, вели искусниот нуркач Милутин Секулоски.
„Пред се целта ни беше да ги локализираме местата бидејќи единствено нуркачите тоа можат да го кажат каде постојат. За да ги детектираме сите локации за овој дел на активноста моравме да спроведеме доста нуркања на доста локалитети и одредивме приоритети за вадење на мрежи. Најголемиот проблем што ни претставува нас за време на работата при подводните активности е тоа што повеќето мрежи се на карпестиот дел , на простор кадешто се мрести охридската пастрмка и сите мрежи се зафатени за карпите. Тоа не се мазни карпи за да може лесно да се извади мрежа. Тоа ни е најголем проблем. А ги има скоро на сите длабочини. Нас ни беше приоритет се она што е како плашт над карпите да го извадиме. “ – кажа Секулоски.
Според Секулоски присуството на мрежите духови во езерото се намалува. Споредено со предходната акција спроведена во 2017 година кога беа извадени импозантни 14 км мрежи, оваа година се извадени околу 2 км. Најприсутни се мрежи со димензии на окца за ловење белвица и пастрмка кои се комерцијално најатрактивни за лов, но ги има и оние за крап, објаснува Душица Илиќ-Боева, од ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.
„Најважно е што пастрмските видови не се мрестат на места каде има трулеж на риба . Ако има потонати мрежи, без оглед на димензија на окца и без разлика во која состојба на распаѓање е она што е фатено во мрежата, тоа место ќе биде одбегнувано како природно рибно плодиште во подолг период, се додека не биде исчистен и да бидат вратени во нормален природен хабитат. Апелираме , доколку некој изгубил алат, легално или не легално, доколку е изгубен поради временски причини или се знае точно локалитет каде се наоѓаат овие мрежи духови , многу полесно е на детектирани локалитети да се исчисти теренот.“ – изјави Душица Илиќ-Боева, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.
Потребен е континуитет и поголем обем на ваквите акции и построга примена на законските регулативи, поголема координација на релевантните институции и построги казни, потенцира Илиќ-Боева. Додава дека проблемот треба да се решава и прекугранично со Албанија, за што веќе биле предложени мерки на Билатералниот секретаријат за управување со Охридското езеро за чистење на мрежи духови на целата територија на езерото
Оваа година за прв пат во чистењето на Охридското езеро од заостанати мрежи се вклучи и меѓународна организација. Healthy Seas е посветена на заштитата на морските екосистеми и учеството во овој пилот проект за нив е прво искуство со слатководен екосистем.
„Се восхитуваме на убавината на вашата земја и посебно на Охридското Езеро и тука сме покрај акцијата во која беа извадени мрежи и на тркалезна маса да дискутираме какви чекори треба да се преземат во иднина за да се заштити езерото. Потребна е поголема контрола од страна на надлежните институции од една страна и подигнување на јавната свест не само кај риболовците туку кај целото население. “ – кажа Вероника Микос Директорка на Healthyseas .
ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид и Нуркачкиот центар Амфора, со Healthyseas по неколкудневна детекција и отстранување на напуштените, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи денеска одржаа и тркалезна маса со локалните засегнати страни и државните институции,при што беа презентирани резултатите од проектот и се дискутираше за феноменот на „мрежите духови“ во Охридското Езеро, нивното негативното влијание врз животната средина, ендемичните видови и локалната економија.