Два пожари за два дена
По вчерашниот пожар кој избувна во близина на селото Лакочереј, во месноста наречена „Дебело Поле“, денес уште еден, во близина на селото Велгошти.
Поради човечко невнимание, два пожари за два дена. Денес околу 12 часот, приметен е пожар во близина на селото Влегошти, кај црквата Св. Илија. Командирот на противпожарната единица, Спасе Прентоски не информира дека пожарот навреме е ставен под контрола и дека нема опасност од ширење. Нивните екипи први стигнале на местото на пожарот, а потоа и екипи на Националниот парк Галичица и Шумско стопанство. Од охридската противпожарна единица, на терен се со две возила и осум пожарникари. Прентоски информира дека штетата дополнително ќе се утврдува.
A во вчерашниот пожар кој избувна во близина на селото Лакочереј, во месноста наречена „Дебело Поле“ опожарени се триесеттина хектари површина на сува, ниска вегетација, трска, а целосно се уништени и голем број гнезда на дивите птици кои живеат во овој предел. Вчерашниот пожар бил подметнат од страна на несовесни граѓани, а од противпожарната единица апелираат да не се палат стрништата, поради што најчесто се иницираат и пожарите од ваков вид. Инаку во вчерашното гаснење на пожарот биле вклучени три противпожарни возила и десетина пожарникари. Од почетокот на годината до сега, а од страна на екипите на Противпожарната единица за овие два и пол месеци извршени се над 80 интервенции.
{loadposition content9}