Двајца млади охридски мајстори ги споија традиционалните охридски занаети
Двајца млади охридски мајстори ги споија традиционалните охридски занаети. Изработија уникатен накит од охридски бисер и филигран. Оргиналниот накит е надополнет со камења од македонски рубин.
Охридските мајстори Михајло Филев и Митко Укоески ги споија знаењата и вештините од своите занаети. Изработија уникатен накит од филигран и бисер опточен со камења од македонски рубин. Во првиот заеднички проект наречен три во едно на охридските мајстори им се приклучи и познатиот македонски брусач на скапоцени камења Дејан Шкартов. Нивна идеа е да создадат бренд по кој Македонија ќе биде препознатлива во светот со овој уникатен накит.
„ Ние сме млади мајстори изработувачи, но сме воспитани во еснафскиот дух и сакаме да се одвоиме од трговците. Ова го создава рака,а не машина. Кон тоа тежнееме и сертифицираните производи ги штитиме преку рачната изработка и уникатниот изглед,“ кажува Михајло Филев изработувач на охридскиот бисер.
Во делот на филигранската израбoтка на накитот покрај Митко Укоески е вклучена и младата охриѓанка Маријана Пипилева. Во накитот од бисер и филигран се вгрaдени и три камења од 5 и 8 мм од македонски рубин, брусени од познатиот Дејан Шкартов. Укоески кажува од каква вредност е македонскиот рубин.
„Не постојат драги и полудраги камења. Тоа го измислиле луѓе трговци со камења. Нашиот рубин го сметаат во понизок ранг само заради бојата нема провидност како црвениот рубин , а структурата е иста како и на црвениот рубин“, напоменува Укоески.
Мајсторите Михајло Филев и Митко Укоески наскоро ветуваат нови парчиња уникатен накит препознатлив во светот, а за идните генерации инспирација на оваа тема.