Двајца млади охриѓани чекорат по стапките на врвните охридски филигранисти
Двајца млади охриѓани чекорат по стапките на врвните охридски филигранисти.
Охриѓаните, Митко Укоески и Маријана Пипилева се млади луѓе кои од неодамна се дел од филигранскиот занает. Нивните вредни раце ја продолжуваат традицијата на врвните охридски мајстори во создавањето филигран. Трпеливо создаваат прекрасен сребрен накит како што се прстени, наушници, брошеви, ланчиња. Во занаетот се нашле сосема случајно. На нивната определба да се дел од филигранството секако влијание имале старите охридски мајстори на кои отсекогаш им се восхитувале, вели Митко Укоески.
„Oтсекогаш го сакав филигранот, ми беше интересен сплетот на тие ситни мали делови. Да го споменеме нашиот Вангел Деребан синоним за филигранот, не само во Македонија, туку и на Балканот. Ги следиме неговите изуми, а се користи и неговата книга, кои се дел од него“, кажува Митко Укоески.
Маријана Пипилева е колешка на Укоески во создавањето на прекрасен филигрански накит во кој вградуваат свој белег.
„Чувството да се биде дел од филигранството е преубаво. Работам нешто што сакам и творам нешто убаво. Кога луѓето сакаат да го видат, купат и носат е големо исполнување“, кажува Пипилева.
Младите филигранисти ги следат стапките на врвните стари мајстори, но додаваат и свои идеи и покрај бисерите вградуваат и полудраги камења. Македонскиот рубин ме заинтересира, знаев за него од порано, кажува Укоески.
„Македонскиот рубин се вбројува во полудрагите камења заради провидноста, но по цврстината е ист како и црвениот рубин. Има специфична виолетова боја која ја има само во Македонија и на ниедно друго место. За жал странците повеќе го знаат за разлика од охриѓани или македонците“, напомнува Укоески.
Митко Укоески и Маријана Пипилева занаетот го изучиле во Скопје. Се пријавиле на обуката во организација на Занаетчиската комора на Македонија. Во изминативе 20 -30 години филигранскиот занает беше во измумирање. Благодарение на обуките кои ги реализира Занатчиската комора состојбите се менуваат. Се повеќе млади луѓе се интересираат и прашуваат каде може да го изучуваат занаетот, раскажува Укоески. Тоа дава надеж дека филигранскиот занает оди во нагорна линија и вековната традиција нема да згасне.