Лајка: Две години ринг за борби со кучиња е поставен во Мауцкер
СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните, информираше денеска портпаролот на секторот, Стефан Димоски.
Пред два дена, Иницијативата за заштита на животните, „Лајка“ алармираше дека во околината на Охрид, на излезот кон Струга, на јавна површина е направен ринг за борби со кучиња. Речиси две години стои поставен во областа Мауцкер, каде што порано војската вежбаше стрелање, а сега веќе стои изградена база , а никој од надлежните не превзема ништо, иако низа закони се прекршуваат, реагираат од Лајка.
„Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала. Од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија.“– напишаа во објава на Фејсбук од „Лајка“.
Објавата беше пропратена со фотографии од борби, кои според здружението, слободно се објавуваат на социјалните мрежи иако она што е прикажано на нив е забрането со закон. Здружението побара државата итно да реагира. И од Анима мунди бараат од МВР итно да ги санкционира организаторите на борби со кучиња.
Полицијата поднела пријава против 45 годишен маж од кичевското село Зајас, кој се сомничи дека минатиот месец организирал борби со кучиња во атарот на село Букојчани.
„Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава.“ – информира портпаролот на СВР Охрид, Димоски.
За случајот во околината на Охрид, за кој реагираа здруженијата, од полицијата нема детали. Од СВР Охрид велат дека досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но оттаму апелираат до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица.
По објавата на Здружението Лајка реагираше Градоначалникот ан Охрид, Кирил Пецаков. „Сосема неважно е дали локацијата е во Охрид, Струга или некаде на друго место. Сликата е нечовечна и нецивилизирана.“ – напиша градоначалникот во објава на Фејсбук и побара брза реакција од соодветните институции.
Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени.