Skip to main content

Две подводни елки ќе го красат Охридското езеро

Едната во Градиште, другата во Свети Наум ја продолжуваат долгогодишната традиција на нуркачите.

 |  Мишел Наумоски  | 
elka
елка

Не една, туку две подводни елки годинава го красат Охридското езеро. Денес, околу дваесетина нуркачи од нуркачкиот центар „Амфора“, од Сојузот за подводни активности на Македонија, но и нуркачи од соседна Албанија ја одржаа единаесетгодишна традиција на поставување на подводна елка за новогодишните празници.

nurkaci Dedo mrazГодинава, акцентот го ставија на најмладите љубители на нуркањето.

„Чувството е неверојатно и многу убаво си поминавме под вода.“

„По втор пат учествувам и чувството е супер. Желба си замисливме, здравје, среќа, мир во целиот свет.“-рекоа младите нуркачи.

Д-р Горан Балески во улога на подводниот Дедо Мраз, на најмладите им подари и пакетчиња.

„Навистина е една убава традиција. Оваа година акцентот е ставен на младите нуркачи и нас ни е задоволство па еве денеска правиме една предновогодишна забава заедно со клубот за подводни активности, нуркачкиот центар „Амфора“, Сојузот за подводни активности и иста ваква елка се става и во Свети Наум, во изворите кај Свети Наум, така да оваа година ќе има на две места да се видат, во Градиште и Свети Наум.“-вели д-р Горан Балески, подводниот Дедо Мраз.

podvodna elkaПретседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка смета дека е добро што оваа традиција зема се поголем замав.

„Се гордееме затоа што ние сме први во тоа. Си ја тераме традицијата и сите сме среќни и задоволни затоа што ги гледаме младиве кои не следат во чекор, верувам дека и светот не гледа и сметаме дека иако е традиција, треба и нешто ново да воведеме и се надевам дека наредната година и вас ќе ве изненадиме.“-рече претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка.

Инаку двете подводни елки во Градиште кај Заливот на Коските, и во Свети Наум кај изворите, се поставени на четири метра длабочина и со години наназад претставуваат интересна атракција за сите посетители.

{loadposition content9}