Skip to main content

Во среда две седници на Совет на Општина Охрид, на дневен ред цените на „Комуналец“, фотоволтаици, сензори за контејнери и советнички прашања

Охридскиот Совет на 30 септември ќе одржи две седници во ист ден, на кои на дневен ред ќе се најдат низа прашања поврзани со работата на јавните претпријатија, фотоволтаичните централи, управувањето со отпадот и урбанистичкото планирање, а советниците ќе имаат можност и да постават прашања до локалната власт.
 |  инфодеск  | 

Советот на Општина Охрид на 30 септември (среда) ќе ја одржи 15-тата седница, на која пред советниците ќе се најдат 20 точки на дневен ред. Седницата ќе се одржи во зградата на Општина Охрид, со почеток во 09:00 часот.

Меѓу поважните точки е предлог одлуката за давање согласност на измените на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“. Советниците ќе расправаат и за давање согласност на годишниот план за вработување на ЈП „Градски пазар“ за 2027 година.

На дневен ред е и предлог одлуката за избор на најповолен приватен партнер за поставување фотоволтаични централи на општински објекти на територијата на Општина Охрид.

Советниците треба да одлучуваат и за сензори за мерење на исполнетоста на контејнерите, со вклучен софтвер и безжична комуникација, кои би му биле дадени на трајно користење на ЈП „Охридски комуналец“. Предвидено е и пренесување на правото на користење на камиони за собирање смет, сопственост на Општина Охрид, на ова јавно претпријатие.

Дел од седницата ќе биде посветен и на урбанистички прашања. На дневен ред се предлог-одлуки за донесување урбанистички проекти со план за парцелација во Косел и на туристичкиот локалитет Горица-Св. Стефан-Метропол. Најголем број точки се однесуваат на утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти. Станува збор за повеќе катастарски парцели во Косел, Лескоец и Долно Лакочереј.

Советниците ќе разгледуваат и предлог одлука за давање на времено користење недвижен имот, дел од деловен простор во сопственост на Општина Охрид на Бирото за развој на образованието, како и предлог за давање согласност за издавање под закуп деловен простор на ЈП „Градски гробишта“.

По завршувањето на 15-тата седница, Советот на Општина Охрид, со почеток во 10:00 часот ќе ја одржи и 16-тата седница. На дневниот ред на оваа седница се советнички прашања, преку кои советниците ќе имаат можност да постават прашања до надлежните општински служби и претставници на локалната самоуправа за актуелни прашања од интерес на граѓаните.