Skip to main content

Хотелите ниту половично букирани

Двојно помал интересот за Новогодишните празници на охридското крајбрежје

Двојно помал интерес за Новогодишните празници на охридското крајбрежје. Голем дел од хотелите се веќе затворени, дел од нив нема да отворат ниту за Новогодишните празници. Според туристичките работници енергетската криза се покажа полоша и од корона пандемијата.
 |  инфодеск  | 
Охрид

Интересот за Новогодишните празници на Охридското крајбрежје е двојно помал. Според анализите на хотелската асоцијација, за разлика од минатите години голем дел од хотелите не се ниту половично букирани.

Тоа се должи на економската и енергетската криза, поскапувањето на аранжманите за 40%, до 50%, но и намалената куповна моќ на туристите.

Оваа година ќе имаме половично гости во однос на минатата година. Тоа не е добар знак за овие празници. Сето тоа се должи на псокапувањето на електричната енергија, поскапување на сите артикли и производи – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Голем дел од хотелите се веќе затворени, дел од нив нема да отворат ниту за Новогодишните празници.

Во моментов може да се каже дека половина капацитети на охридско-струшката ривиера се веќе затворени или ќе затвораат до крајот на месец декември. Ќе бидат неколку хотели што ќе организираат Новогодишен дочек и тие неколку имаат проблем да добијат добра исполнетост – додава Блажески.

Според туристичките работници енергетската криза се покажа полоша и од корона пандемијата. Ако до лани еден тридневен новогодишен аранжман чинел околу 150 евра, годинава цената поради инфлацијата е 250 евра.

Новинар : Соња Рилковска