Skip to main content

Една третина од годината Македонија не работи

Се разбира ова важи само за оние кои се опфатени со Законот за државни празници на Република Македонија.

 |  Мишел Наумоски  | 
nerabotni denovi
неработни денови

Македонците обично важат за вредна нација која не се плаши да ги засука ракавите и да сработи нешто. И ова донекаде е точно. Но ако ѕирнеме во статистиката, малку ќе ја разнишаме оваа теорија. За сите, па дури и за нас тука во Македонија, годината си има 365 дена ама многу е јасно дека не може сите да се одработат бидејќи нацијава ќе ни беше ептен уморна. Не, не работиме 365 дена. Ако од оваа бројка ги одземеме 105те дена од 2012 година кои отпаѓаат на неработни викенди, излегува дека работиме 260 дена годишно. Ама не е така, затоа што ние, а кога велам ние, мислам на сите етникуми, нации и вери кои живеат тука, имаме уште 27 заеднички државни, верски или национални празници. Во нив спаѓа и денешниов неработен ден или петок пред Духовден. Еве што рекоа охриѓани за бројот на неработни денови кои ги имаме на располагање.

praznik neraboten den„Ние најмногу неработни денови имаме во светов. Ние сме за тоа прва лига. Треба да се работи. Ајде еден ден секако, два дена ама ова стана…Многу неработни денови има во годината.“

„Лошо време е сега, кој работи? Кој има продавниче свое или кафана. Ниту фабрики има ниту земјоделството работи. Како ќе стават закон така мора да почитуваме.“

„Јас велам дека повеќе би требало да се работи. Има време и за одмор и за се.“

„А што ние да речиме, кога донела Владата така и така ќе биде. И дали се многу или се малку што ние да кажеме е џабе.“

И ај сега да те видам! Повеќе од една третина од годината не работиме ама и тоа не ни се допаѓа. Дали е Денот на републиката, денот на независноста, денот на албанското знаме или пак Велигден, Божиќ, и Бајрам, законот си е јасен. Сите овие денови се неработни, и на нив треба да се празнува-секако ако имате среќа фирмата во која работите да е опфатена со Законот за државни празници. Ако пак не, тогаш само ќе ја ми разбиете убавата статистика што си ја направив. Нека ни се честити сите празници!

{loadposition content9}