По едногодишна пауза, годинава повторно Охридски атлетски маратон
Овој маратон кој важи за еден од најтешките, ќе се трча од Свети Наум па се до Охрид, со вкупна должина од 30 километри.
Педесетина маратонци, утре на денот на независноста на Република Македонија, ќе го трчаат познатиот Охридски меѓународен атлетски маратон. Тешката маратонска делница започнува од граничната караула во Свети Наум, а завршува во градот, пред Домот на култура, и е во должина од 30 километри.
„Оваа година, организациониот одбор на Охридскиот атлетски маратон реши да продолжи една долга нишка која што за жал минатата година беше прекината од финансиски причини. Меѓутоа оваа година решивме повторно да го возобновиме и тоа е веќе 26ти по ред Меѓународен охридски атлетски маратон.“-вели Милчо Стефаноски-Претседател на организационен одбор на маратонот.
Учесниците ќе го трчаат маратонот во две категории и тоа мажи и жени. Досега се пријавени 34 маратонци во машка и четири маратонки во женска конкуренција. Сепак одговорните лица на Охридскиот атлетски маратон очекуваат да се пријават уште најмалку 15тина во текот на денешниот ден.
„Заради тоа што малку подоцна се почна со организирање на маратонот и сите работи, во однос на 2010 кога имавме преку 100 учесници, оваа година ќе имаме значително помала бројка, но е многу важно тоа што го продолжуваме континуитетот затоа што ако не го организиравме оваа година, следната година кога би го организирале сигурно би имале помалку пријавени. Така да сепак е останат интересот за овој маратон и на многу од маратонците им беше драго да слушнат, кажуваат еј задолжително да се одржи како било само да учествуваме, многу сакаме да го трчаме охридскиот маратон.“-рече директорот на Охридскиот атлетски маратон, Пеце Неданов.
Инаку минатогодишниот пост во одржувањето на маратонот не е прв пат да се прекинува неговиот континуитет. Откако во 1976 година се одржал за прв пат, тој редовно се организирал се до 1993 година. Од 93та па се до 2003 имало пауза, за потоа од 2004 до 2010 активно да се продолжи со традицијата. Моментно за фаворит во машка конкуренција се смета трикратниот победник, србинот Велимир Воевиќ, а во женска неговата сонародничка Ана Суботиќ која го држи и рекордот во женска конкуренција од 1 час, 55 минути и 23 секунди од 2010 година. Маратонот започнува во 10 часот.
{loadposition content9}