Skip to main content

Екипата на Црвен Крст Охрид мотивирана оди по пехар и на Државниот натпревар по прва помош

Екипата на Црвен Крст Охрид се врати со пехар од Регионалниот натпревар по прва помош. Го освоија првото место во силна конкуренција од 16 екипи и се пласираа на државниот натпревар. Овие млади волонтери и ученици во Средното училиште Св. Кирил и Методиј, за ТВМ со нескриена радост зборуваат за впечатоците од натпреварот и за важноста на вештините за давање прва помош.
 |  Маја Савиќ  | 

Екипата на Црвен крст Охрид убедливо најдобра на Регионалниот натпревар по прва помош, кој се одржа во Скопје. Младите волонтери на Црвениот Крст, инаку ученици во СОСУ „Св Кирил и Методиј“ го освоија првото место во конкуренција на 16 екипи од северозападниот регион.

Се покажавме во најдобро светло, покажавме и докажавме што Охрид е подготвен да направи како град и ние како претставници од Охрид. Направивме една, може да се рече, историја во новиве години на Црвен крст Охрид. Се подготвуваме за Државниот натпревар во септемвври. Таму ќе се покажеме во уште подобро, конкуренцијата ќе биде уште поголема.“ – изјави Ивана Котеска.

Натпреварите по прва помош се одвиваат по строго утврдени правила и сценарија. Учесниците се ставени во симулациски вежби во кои треба да реагираат брзо во реално време и секоја нивна постапка се оценува и бодува од стручни судии. Екипата минува низ траекторија составена од осум пунктови од кои пет за давање прва помош односно санирање повреди, а три интерактивни. Охридската екипа доминираше во сите за што доби попфалби од организаторите и судиите.

„ Се се случуваше во време од десет минути, на пункотот влеговме како во реална ситуација, со актери кои ги глумат самите повреди. Самите актери ја глумат повредата доста реално. Треба да си при себе за да можеш да делуваш, внимателно да се допре до личноста, да се заштитиш себе си. Подготовките ни се од ментор, но се водиме според супозиции кои се издадени од самите организатори на натпреварите по прва помош од Црвен крст на РСМ. “ – вели Марио Ѓорески.

„ Три беа интерактивни пунктови. Имавме пуктови за дисеминација каде ни беа поставувани општи прашања од Црвен крст и ние ги одговаравме. За тоа бевме бодувани. Имавме пункт каде медитиравме за да се одлободиме од негативната енергија и возбудата. И уште еден пункт со интерактивни игри. На дисеминацијата земавме прво место од сите општински организации. “ – изјави Стефанија Битолкоска.

Екипата сеуште под импресии од натпреварот не може да го скрие задоволството од постигнатиот успех дотолку повеќе што пехарот е освоен во една силна конкуренција каде сите учесници биле квалитетно подготвени. Она што ги прави посебно среќни е и благородноста на тоа да се поседуваат вештини за да се помогне некому во несреќа, затоа што како што велат, првата помош се дава во првите пет минути.

„ Конкуренцијата на Регионалниот натпревар беше доста тешка, беше доста неизвесно, но се на се мислам дека одлучи нашата тимска хемија. Најподготвени бевме, се знаеме веќе втора година, да се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина така. Ако се пласираме на Државното првенство ќе продолжиме и на Европско.“ – кажа капитенот Кристијан Лошкоски.

„Големо е задоволство што освоивме прво место. Се надевам дека и други после нас ќе продолжат да одат на натпревари и да учат за пружање прва помош, бидејќи не е едноставна работа која секој би можел да ја прави. Битно е секој да знае да пружи било каква форма на прва помош бидејќи на некој тоа може да му спаси живот. Во поглед на подготовките тие се интензивни.“ – кажа Андреј Пуфтоски.

„Несреќите се случуваат во секојдневниот живот. Првата помош е исклучително важна и најефикасна во првите пет минути. Затоа апелирам до граѓаните, посебно до младите да се вклучат во активностите на Црвен крст и да научат прва помош. “ – порача Симона Новеска.

Црвениот крст посветува големо внимание на Првата помош како една од основните дејности за што има Јавното овластување од државата за спроведување на обуки за прва помош за возачи, работни организации и пловни објекти. Но она што е навистина драгоцено е посветеноста и делувањето на организацијата меѓу младите во училиштата.

„Секоја година спроведуваме кампањи за прва помош и обуки во училишта кадешто обучуваме и преку 1000 ученици и ментори наставници, правиме симулациски вежби на евакуација и несреќи кои можат да настанат во училиштата како и заеднички показни вежби со други институции од цивилната заштита. Првата помош што ја учат децата преку обуките во Цервениот Крст е реална, вистинска, тие ја добиваат како своја животна вештина и тие се обучени во секоја ситуација да реагираат во реално време. “ – вели Мимоза Ставрева – Секретар на Црвен Крст Охрид.

Екипата упати голема благодарност до Црвен крст Охрид, Даниел Наумоски, волонтер и тренер по прва помош и Ивона Наумоска Опетчевска професорка во во СОСУ “Св.Кирил и Методиј”- Охрид. Им претстојат интензивни подготовки за Државниот натпревар по прва помош кој ќе се одржи во септември.