Skip to main content

Топлотен бран

Екипи на Црвен Крст Охрид ќе им помагаат на граѓаните за полесно справување со горештините

Ни претстојат тропски денови. Од УХМР издадоа предупредување за потокалова фаза. Јавните чешми во Охрид и приградските населби се во функција, додека тимови на Црвен Крст Охрид, од утре, лоцирани на неколку места низ градот, ќе делат вода за сите повозрасни минувачи.
 |  Голабовски Крсте  | 
Топлотен бран

Топлотниот бран и високите температури кои веќе ја зафатија Македонија и нашиот регион причина Центарот за јавно здравје да ги потсети граѓаните на општите препораки за заштита од топлотен бран. Од Центарот апелираат за сериозно почитување и придржување кон препораките за заштита на здравјето за време на високи температури.

„Она што е најважно, да се избегнува излегување во периодот 10-17 часот на овие температури. Многу е важно носењето на  светла и лесна облека кога мора да се излезе и секако да се избегнуваат прехранбени производи кои се лесно расипливи, а во домашни услови храната да се чува соодветно во фрижидери, да се внимава на приготвувањето на храната со термичка обработка. Во летните денови сведоци сме на цревни заболувања и труења.“ -посочуваТочков.

Да се пијат многу течности, пред се вода, умерено да се конзумира храна и посебно да се избегнува мрсна храна и храна со големо количество шеќер и алкохолни пијалоци. Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор. Во справување со временските неприлики кои се најавува дека ќе се интензивираат во наредните неколку дена, ќе помогнат и екипите на Црвениот Крст од Охрид.

„Од утре тимови на Црвен Крст лоцирани на неколку места низ градот, ќе делат вода за сите повозрасни лица коишто ќе се најдат, а ќе се мери и крвен притисок на посетителите, и ќе даваат совети и ќе делат едукативен материјал. Како град секако дека може и подобро да се организираме да добиеме поддршка и од локалната самоуправа, и од компании. Еве апелирам до компании кои работат со вода, флаширана вода, да донираат, да не повикаат, ќе ги земеме и ќе ги поделиме онаму каде што е потребно, особено околу пазарот и на пофрекфентните места.“ – вели Точков.

Во овие топли денови охриѓани и туристите треба да ги користат зелените површини и парковите за да се заштитат од горештините, а може да ја користат и водата од јавните чешми да се разладат. Во разни делови од градот и на периферијата постојат околу десеттина јавни чешми. Сите јавни чешми се во функција, вели Марјан Ристески – Директор ЈП „Водовод –  Охрид“.

„Се она што е јавна чешма, односно место каде луѓето може во овие горештини да се освежат, да земат еден здив се во функција. И во централното градско подрачје и по туристичките места како Пештани, Елшани и на други места каде сме биле во можност да поставиме јавна чешма.“ – вели Ристески.

Од Центарот за јавно здравје повторуваат колку што е можно подолго да се останува во затворени климатизирани простории,а доколку се почувствува зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, веднаш повикајте 194 и напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате.