Еколошки предизвици или еколошка катастрофа за Охридското Езеро?
Дали предупредувањата за еколошката катастрофа на Охридското Езеро се реалност или само пренагласена желба за негова заштита?
Урбанизација на Студенчишкото Блато, изградба на хотели, нови плажи на крајбрежјето на Охридското Езеро, загадувањето на реките, уништувањето на трската, експресниот пат кој треба да минува низ националниот парк „Галичица“.
Сите овие еколошки предизвици во последниов период ги вклучија алармите кај експертската јавност, но и кај граѓаните дека нешто мора да се преземе за да се спречи евентуалната деградација на најважниот еко систем во државата. Во обидот да се привлече вниманието, не само на домашната туку и меѓународната експертска јавност, кон овие исклучително важни прашања за Охрид, но и светот, се погласни се и граѓанските иницијативи со еколошка позадина кои алармираат за можните негативни последици од најавените проекти. Професор д-р Трајче Талевски, долгогодишен стручен работник во Хидробиолошкиот институт од Охрид и претставник од граѓанската иницијатива Охрид С.О.С кои беа особено гласни по однос на еколошките прашања поврзани со Охридското Езеро и Студенчишкото Блато, вели дека опасноста од деградација на истите е присутна и реална.
„Да! Мислам дека Охридското Езеро се наоѓа пред еколошка катастрофа, и ако не се направат чекори за спречување на ваквото атакување на крајбрежјето мислам дека за скоро време Охридско Езеро ќе ја изгуби убавината, ќе ги изгуби оној статус на природна реткост бидејќи сите делувања на крајбрежјето се одразуваат и на растителниот и животинскиот свет во водата, а она што е најзначајно за езерото се наоѓа баш во крајбрежниот регион, некаде од 0 до 10 метри тука е целата ендемична флора и фауна по која Охрид е познат односно Охридското Езеро.“-вели проф.д-р Трајче Талевски од граѓанската иницијатива „Охрид С.О.С“.
Дејан Паноски, претставник од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, кој 16 години работи на прашањето на заштита на езерото и целиот дримски басен, вели дека пресилни се изјавите дека езерото поради сите овие најавени проекти се наоѓа пред еколошка катастрофа.
„Она што треба да се случува, а не се случува е една заедничка кохезија на сите тие ставови и мислења затоа што се соочуваме со некои артикулации дека езерото било пред катастрофа, дека никој, ништо не се грижел за езерото што не се точни и со такви квалификации не можете да излезете во меѓународна поддршка, затоа што тие организации посебно УНЕСКО се секојдневно инволвирани во процесите на заштита на Охридското Езеро, во проектите од инфраструктурен карактер кои се планирани да се случат и секојдневно таа комуникација ја обезбедува информираноста за реалната состојба. “-рече Паноски.
Поддршката и постојаниот мониторинг од страна на УНЕСКО, проектите за управување со дримскиот басен, соработката со германското друштво за соработка ГИЗ според Паноски се еден од гарантите за зачувување на езерото во својата целовитост. Потенцира дека многу е важно утврдување на она што е реална состојба во езерото и излегување со еколошки аргументи во обидот да се заштити истото. Проф.д-р Талевски се сложува со констатацијата дека легислативата постои, но смета дека истата воопшто или многу малку се спроведува.
Во изминатиот период како граѓанска иницијатива за заштита на Охридското Езеро, тие својата поддршка ја добиле од бројни меѓународни релевантни институции и експерти вклучително и поддршката од Меѓународното лимнолошко здружение. Претседателот Ив Прери, смета дека токму официјалните институции кои треба да работат на заштита на езерото се тие кои треба да го подигнат гласот, а според него, иронијата да биде поголема, во моментот најгласен е токму граѓанскиот сектор. За Паноски пак токму тоа е секторот чија што поддршка години наназад ја немало. Заедничка е констатацијата дека овие еколошки прашања мора да бидат разгледувани на заедничка маса, а соработката помеѓу официјалните институции и граѓанскиот сектор да биде на највисоко можно ниво како би можело да се обезбеди заштита на секое парче природна реткост со кое располагаме.