Екс градоначалникот на Охрид заработи нова кривична пријава
Екс градоначалникот на Охрид, заработи уште уште една кривична пријава. Таа се однесува на „злоупотреба на службена положба и овластување“со што пријавениот се терети дека во предизборниот период 2013 година незаконски вработил 165 лица.
СВР Охрид покрена уште една кривична пријава против поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, поради постоење основа за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Портпаролот Стефан Димоски информира дека пријавениот спротивно на законските нормативи вработувал, а тоа го правел без претходно да има соодветни писмени барања од страна на раководителите на сектори и другите организациски единици во рамките на општинската адмистрација.
„Пријавениот кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“го направил во периодот од 2008 до 2013 година со тоа што спротивно на Законот за работни односи склучил фиктивни договори за работа односно вкупно 165 фиктивни договори за времено вработување и вработување со договор на дело. Пријавениот тоа го направил без законска основа односно спротивно на систематизацијата и без доволно обезбедени буџетски средства“ – вели Димоски.
Од 2008 до 2012 година, во период кога сметката на општина била блокирана со судски решенија, пријавениот вршел фиктивни вработувања на лица во туристичкото биро „Лихнидос“ ДООЕЛ од Охрид, вели Димоски. Со цел исплата на плати за таквите противзаконски вработувања во „Лихнидос“, од управителите кој тој лично ги избирал побарал да изготвуваат фиктивни фактури.
„Од раководителите побарал вкупно 44 фиктивни фактури за кои приоритетно давал налог за нивна исплата. Со овие противзаконски дејствија аналогно на поднесената кривична пријава пријавениот извршил материјална штета на општинскиот буџет во износ над 5 800 000 денари“ – изјави Димоски.
Како што информираат од СВР, од вкупниот број на изготвени и потпишани договори за времени вработувања и договори на дело од страна на пријавениот, на работни места со работни задачи и задолженија согласно потпишаното се јавувале само дваесет и три лица, додека останатите 145 лица воопшто не оделе на „работа“. Со тоа биле надминати предвидените буџетски средства на општината за 1.146.542 денари во 2012 година и за 2.297.574 денари во 2013 година, со што пријавениот ги пречекорил границите на неговите службени овластувања и ги прекршил одредбите од Законот за работни односи и нанесол вкупна материјална штета на општина Охрид во износ од 5.650.496 денари.
{loadposition content9}