Започна екстерното тестирање
Основците и средношколците од охридските училишта денеска го полагаа првиот екстерен предмет. Директорите задоволни како измина тестирањето, а учениците со свои забелешки.
Основците и средношколците од охридските училишта денеска го полагаа првиот екстерен предмет. Учениците за денешниот екстерен тест, како и за вториот имаа на увид 60 илјади прашања. Бројот на прашања кои се на тестот зависи од тоа колку предметот е застапен неделно во наставата.
Има некои прашања кои не сме ги учеле на часови значи има други лекции, а тие ни поставуваат други прашања, велат некои од учениците кои ги анкетиравме. Други додаваат дека прашањата не биле исти како оние кои беа објавени на сајтот на Министерството за образование.
Во електромашинскиот образовен центар Св. „Наум Охридски“ тестирани се 177 ученици. Денес се изминало во најдобар ред, вели директорот Јане Цаноски.
-Немавме никаков проблем ниту технички ниту софтверски. И интернетот функционираше беспрекорно. Децата не посочија никаков проблем, рече Јане Цаноски-директор на ЕМУЦ.
И во Гимназијата Св. „Климент Охридски“ тестирањето помина во најдобар ред. Денес полагаа 352 ученици. Но, директорката вели дека учениците имале некои забелешки во однос на прашањата на тестовите.
-Имаме реакција од страна на учениците бидејќи за некои понудени прашања немало одговори. Имаме критики од учениците дека дел од прашањата се сменети и не се оние истите што беа на сајтот од Министерството за образование. Сето тоа е ставено на хартија и после тестирањето ќе биде доставен приговор до министерството, вели Вера Јовческа -директорката на Гимназијата Св. „Климент Охридски“.
Во средното училиште „Ванчо Питошески“ денес се тестирани 68 ученици и тоа по македонски јазик, математика, менаџмент и бизнис, граѓанско образование и психологија.
-Веќе имаме искуство од минатата година. Се започна навреме сите насоки беа испочитувани од страна на државниот испитен центар. Учениците беа навреме прифатени и распределени по простории, вели Весела Темјаноска-директорката на „Ванчо Питошески“.
Инаку, денес на терен активни се инспекторите на Државниот просветен инспекторат, а отворени се и кол-центрите на Државниот испитен центар.
Оценките од овој тест ќе бидат впишани во свидетелствата и ќе бидат земени предвид при пресметувањето на просечниот успех на ученикот. Целта на екстерното тестирање е да ги намали ургенциите за петки кај наставниците.
{loadposition content9}